Големо научно истражување за сексуалното однесување потврди дека не постои „хомосексуален ген“, но е откриено дека сложената комбинација на генетиката и опкружувањето влијае врз тоа дали некој ќе има сексуални преференции за личности од ист пол.
Истражувањето анализирало податоци за ДНК и сексуалните искуства на речиси половина милион луѓе. Научниците дошле до заклучок дека постојат илјадници генски варијации поврзани со истополово сексуално однесување, но повеќето од нив имаат многу мал ефект.
Само пет генски маркери се значително поврзани со хомосексуалноста, откриле научниците, но ниту врз нивна основа не може да се предвидат сексуалните преференции.
- Скениравме цел човечки геном и откривме само пет локации што јасно се поврзани со тоа дали некое лице ќе има истополови сексуални преференции - изјави Андреа Гана, биолог од Институтот за молекуларна медицина во Финска, која беше еден од лидерите на истражувањето, додавајќи дека тие маркери имаат доста мало влијание врз одредувањето на сексуалноста на човекот.
Тоа значи дека други фактори, како животната средина, воспитувањето и личноста, се многу позначајни за сексуалната ориентација, како и во случајот со другите човечки карактеристики, истакнуваат истражувачите.
Истражувањето, најголемо од овој вид, ги анализирало одговорите од анкетите и спровело анализа на ниво на целокупен геном на податоци од повеќе од 470.000 луѓе што дале примерок од нивната ДНК и податоци за нивните преференции.