X
 14.10.2019 Наука

Уште во раното детство може да се предвиди какво здравје ќе имате како возрасни

Брзината на одење во 40-тите години е показател колку нашиот мозок, но и нашиот организам старее, се вели во ново научно истражување.

Меѓународен тим од научници успеал да го измери процесот на стареење со помош на едноставен тест на брзина на одење. Заклучиле дека не само што организмот на оние што побавно одат старее побрзо туку и нивните лица изгледаат постаро, а имаат и помал мозок.

Научниците велат дека резултатите од истражувањето биле неверојатно изненадување.

Лекарите често ја мерат брзината на одење за да ја проценат вкупната здравствена состојба, особено кај пациентите над 65 години бидејќи тоа е добар индикатор за мускулната сила, функцијата на белите дробови, рамнотежата, цврстината на 'рбетот и видот.

Побавното одење на постара возраст научниците претходно ја поврзувале и со повисок ризик на деменција.

Во долгогодишното истражување учествувале 904 луѓе од Данидин, родени во текот на 70-тите години и набљудувани до 45-годишна возраст.

3
Фото: Getty Images


Учесниците поминале физички тестирања, тестирања на функцијата на мозокот и скенирање на мозокот, а во текот на детството морале да поминуваат когнитивни тестови на секои неколку години.

- Истражувањето покажува дека бавното одење е знак за тревога со децении пред да достигнеме старост - вели професор Тери Е. Мофит, водач на истражувањето од Кралскиот колеџ во Лондон и Универзитетот „Дјук“ во САД.

Дури и на 45-годишна возраст биле уочени значителни разлики во брзината на одење, при што најбрзиот испитаник се движел четири метри во секунда, а притоа не станувало збор за трчање.

Општиот заклучок е дека кај луѓето што одат побавно обично се препознаваат знаци на забрзано стареење на белите дробови, забите, имунитетот, бидејќи се во полоша состојба отколку кај оние што одат побрзо. Неочекувано е откритието што скеновите покажале дека мозоците на луѓето што побавно одат изгледаат постаро.

Научниците откриле дека можат да ја предвидат брзината на одење кај 45-годишниците користејќи ги нивните резултати од тестовите за интелигенција, јазичните вештини, моторните вештини од детството на возраст од три години.

Децата кои како возрасни биле најбавни (одење со средна брзина од 1,2 метар во секунда), во просек имале коефициент на интелигенција за 12 бода понизок од оние што 40 години подоцна се покажале како најбрзи (1,75 метар во секунда).

Научниците истакнуваат дека разликите во здравјето и висината на интелигенцијата може да се должат на животниот стил и фактот дека некои луѓе имале подобро здравје на почетокот на животот.

Научниците веруваат дека мерењето на брзината на одење на помлада возраст може да помогне во тестирањето на третмани за забавување на стареењето на луѓето.

Во тек се истражувања поврзани со нискокалоричната диета и внесот на лекот метформин, што би можеле да дадат одговори на овие прашања.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука