Сојузната држава Орегон веќе нема да бара од своите средношколци да покажуваат вештини по математика, читање и пишување со цел полесно да добијат средношколска диплома во обид да ги зајакнат малцинските ученици.
Гувернерката на Орегон, Кејт Браун, потпиша нацрт-закон со кој им се овозможува на средношколците да дипломираат дури и ако не знаат добро да читаат, пишуваат или бројат, со цел да им „помогне на учениците кои не припаѓаат на белата популација“.
Потпишувањето на овој закон се случи во тајност, бидејќи одлуката на Сенатот во Орегон - под број 744, беше донесена во средината на јули, но не беше издадена официјална објава, ниту беше означена на друг начин.
Исто така, одлуката беше внесена во правната база на податоци само две недели по донесувањето, што е невообичаено, бидејќи тие обично се внесуваат во ист ден.
Чарлс Бојл, заменик-директор за комуникации за канцеларијата на гувернерот, за американските медиуми изјави дека суспендирањето на условот дека учениците мора да бидат добри во читање, пишување и математика може да им помогне на учениците кои припаѓаат на афроамериканско, латинско, азиско, домородно население и слични популации.
Бојл објасни дека лидерите на овие заедници постојано се залагаат за правични стандарди за дипломирање, заедно со проширени можности за учење и поддршка.
Новото правило ќе важи следните пет години, така што учениците до 2027 година нема да мора да докажуваат дека знаат да читаат, пишуваат или бројат.
Републиканските сенатори во Орегон се обидоа да се спротивстават на оваа одлука, а нивната лидерка Кристина Дразан рече дека со оваа одлука демократите во Орегон ги напуштиле нивните деца.
Дразан посочи дека родителите апсолутно заслужуваат нивните деца „да ја докажат својата компетентност во читање, пишување и математика“.
Републиканскиот кандидат за конгресмен во Вашингтон, Вик Деграмон, оваа одлука ја нарече „луда“.
Фото: Freepik