X
 20.04.2021 Живот

Време е за најголемиот метеорски дожд оваа пролет

В четврток (22 април), пред зората, првиот добар метеорски дожд по речиси четири месеци ќе го достигне својот врв. Станува збор за метеорскиот дожд „Лириди“, иако светлата месечина може да ви ги уништи плановите.

Метеорскиот дожд „Лириди“ не е многу богат приказ и, секако, не треба да се споредува со Персеидите во август, но ако небото е доволно темно и чисто, ќе можете да видите од 10 до 20 метеори на час.

Иако интензитетот не е голем, сепак, овие метеори може да бидат неверојатни и се чини дека се движат прилично брзо, пробивајќи се низ нашата атмосфера со просечна брзина од 48 километри во секунда. Околу четвртина од нив оставаат трага.

„Лиридите“ се всушност наследство од долгогодишната комета Тачер. Оваа скромно светла комета била откриена во април 1861 година од астрономот-аматер А.Е.Тачер.

Орбитата на „Лиридите“ наликува на онаа на кометата Тачер, која има орбитален период од околу 415 години. Метеорите се космички труп; ситни парчиња и делови од оваа комета при претходните посети на Сонцето. Орбитата на Земјата се совпаѓа со таа на кометата на 22 април речиси секоја година. Кога ќе го поминеме тој дел од нашата орбита, поминуваме низ прашливите остатоци што ги оставила кометата.

liridi
Фото: Instagram

Метеорскиот дожд се нарекува „Лириди“ затоа што нивните патеки, ако се продолжат наназад, се чини дека се разминуваат од едно место на небото југозападно од блескавата синкаво-бела ѕвезда Вега, во соѕвездието Лира.

При набљудувањето на овој метеорски дожд треба да имате предвид дека светлината на Месечината може значително да ви го попречи гледањето. Сепак, постојат и добри вести: Месечината ќе се повлече во 4 часот наутро, токму кога Вега се издигнува високо на небото. Значи, околу половина час, до околу 4:30 часот наутро, небото ќе биде темно и ќе можете да ги гледате Лиридите под најдобри можни услови.

Меѓу сите метеорски дождови, „Лиридите“ се најстарите, документирани во 687 година од Кинезите кога „многу ѕвезди летале од североисток“.

Ако имате проблем при наоѓањето на соѕвездието, ќе ви помогне оваа интерактивна мапа на небото што се ажурира секој ден.

Извор: Space.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот