Периодов се соочуваме со една таканаречена епидемија на присуство на стрептокока пиогенес меѓу децата. Првиот проблем со кој се соочуваме е недостигот на едни од најчесто употребуваните антибиотици во детската возраст. Вториот проблем кој, според мене, е можеби поголем и посериозен е дека и покрај спроведената терапија, не успеваме да ја сузбиеме бактеријата, вели д-р Драгана Емел
Кај децата владее епидемија на стрептокока пиогенес. Најчеста препорака на педијатрите за лекување на оваа бактерија е антибиотикот „амоксиклав“, кој поради големиот број инфицирани деца е дефицитарен во аптеките веќе неколку недели. Според вработените во аптеките, се очекува деновиве да го добијат повторно на рафтовите.
- Проблемот со неможноста да се најде во аптеките „амоксицилин“, клавулонска киселина (амоксиклав, амоклавин) е глобална криза со снабдување на биоактивните компоненти. Биоактивни компоненти или соединенија се екстракти од природни извори, екстракти од растенијата или нивен дел, екстракт од цвет, екстракт од лист или можат да се добијат од животински производи. Дел од биоактивните компоненти се произведуваат синтетички. Проблемот со активните компоненти на лековите е глобален и повеќе лекови кои се за секојдневна примена се зафатени со оваа криза - посочуваат фармацевтите.
Родителите, пак, по неуспешните обиди да најдат „амоксиклав“ во аптеките, бараат замена за да ги излекуваат своите деца кои по неколку дена се со висока температура и црвено грло и се премалени.
Д-р Драгана Емел
Потешко справување со респираторните инфекции
- Речиси цела група во градинка е заразена со стрептокока периодов, па така неизбежно стигна и кај нас. По три дена висока температура, направивме крвна слика, ЦРП, брис од грло и беше утврдена стрептокока. Докторката првично ни препорача покрај витамини и антибиотик „амоксиклав“, но не успеавме да го најдеме по аптеките и побаравме замена, па ни беше препорачано „панцеф“ или „трицеф“. Можеби се појаки антибиотици, но немавме друго решение и моравме брзо да реагираме - ни изјави мајката на Симон.
Педијатарот Драгана Емел нѐ информира дека има зголемен број на пациенти со стрептокока.
- Периодов се соочуваме со една таканаречена епидемија на присуство на стрептокока пиогенес меѓу децата. Оваа бактерија има повеќе клинички слики и до оваа зима не беше толку актуелна, но во овој период многу ја има. Поради посериозната клиничка слика и присуството на бактеријата кај повеќе деца од едно одделение или група во градинка, се прават и микробиолошки прегледи од страна на Центарот за јавно здравје. Речиси кај сите деца од училишната возраст е изолирана оваа бактерија. Најчесто кога ќе се најде оваа бактерија, поради сериозните клинички слики што може да ги даде, потребно е да се спроведува антибиотска терапија. Првиот проблем со кој се соочуваме е недостигот на едни од најчесто употребуваните антибиотици во детската возраст. Освен недостигот на „амоксиклав“, овој период се соочуваме и со недостиг на лекот „оспен“, кој воедно е и прва линија на антибиотик за ерадикација на бактеријата. Вториот проблем кој, според мене, е можеби поголем и посериозен е дека и покрај спроведената терапија, не успеваме да ја ерадицираме бактеријата. Овој проблем не е само за оваа бактерија, туку за сите бактерии, оваа зима многу потешко од вообичаено се справуваме со респираторните инфекции кај децата како во училишната така и во предучилишната возраст - истакнува докторката Емел.
Најважно е децата да не се остават без соодветен третман
Искра Лазаревска, специјалист педијатар-пулмолог, потврди дека во текот на изминативе месеци кај децата доминираа респираторни вирусни инфекти.
Д-р Искра Лазаревска
- Стануваше збор за моќни вируси кои клинички се манифестираат со висока температура, со чувство на гребење, односно болка во грлото, кашлица. Во основа вирусните инфекти се самолимитирачки, односно доколку не настанат компликации, се лекуваат само со симптоматска терапија. Паралелно со овие инфекти многу често се среќававме со воспаление на крајниците, стручно означени како тонзилити, кои во основа се бактериски инфекции, а предизвикувач е пиогениот стрептокок. За искусен клиничар не е проблем да се постави сомнение за стрептококни тонзилити, но дефинитивна потврда добиваме со позитивниот микробиолошки наод. Бидејќи станува збор за исклучително моќна и агресивна бактерија која знае да направи сериозни проблеми и компликации, позитивниот микробиолошки наод е апсолутна индикација за препишување антибиотик. Лекувањето е првенствено со пеницилински антибиотици, а доколку не е можно од било кои причини, се оди на алтернативен избор, најдобро врз основа на осетливоста потврдена со микробиолошкиот наод. Најважно е децата да не се остават без соодветен третман - истакнува Лазаревска.
Фото: приватна архива