X
 09.08.2020 Живот

Иако биле отпуштени, вработени во ЗОО се вратиле за да се грижат за животните

Кога зоолошката градина во Јужноафриканската Република била принудена да отпушти две третини од вработените поради пандемијата, повеќе од 40 работници се вратиле како доброволци за да се грижат за животните.

- Причината поради која се будам наутро е да бидам со овие прекрасни животни. Не можев да ја поднесам помислата дека нивната иднина е неизвесна - вели 23-годишната Џени Лоув, која работела на ранчот за диви животни „Канго“ две години.

Сместен во предградието на градот Аутшорн во Јужноафриканската Република, во текот на 40 години ранчот пораснал од мала фарма за крокодили до зоолошка градина која е меѓународно призната поради трудот на вработените и чувањето на животните, каде што живеат повеќе од 90 вида животни и влекачи.

Кога тринеделната изолација во Јужноафриканската Република во март беше продолжена, на Џени ѝ било кажано дека поради пандемијата, зоолошката градина мора да биде затворена. Нејзе и на уште две третини од персоналот им било соопштено дека привремено ги изгубиле работните места. Но, првото нешто на што таа помислила било што ќе се случи со гепардите и лемурите за кои се грижела?

Колешката на Џени, Анџелик Октобер, имала иста реакција.

- Ние сме им мајки на овие животни, а мајките не ги оставаат децата кога им се најпотребни - вели Анџелик.

Следното утро Џени и Анџелик повторно биле во униформите на работа - само овој пат без плата. Додека минувале низ вратата на зоолошката градина, откриле дека не се единствените што доброволно се вратиле за да работат бесплатно.

2

Повеќе од 40 други членови на персоналот одлучиле дека животните им се приоритет и се вратиле на ранчот за да помогнат животните полесно да ја преживеат изолацијата поради пандемијата.

Сопствениците на зоолошката градина биле принудени да го намалат персоналот од 78 на 24 со цел зоолошката да преживее во текот на пандемијата.

- Многу од нас што не добиваат плата и понатаму се тука, помагаме бродот да се задржи на површината. Работиме со опасни и чувствителни животни, така што оваа работа не е лесна. Чувствувам голема страст кон ова место. Го ставам над сè друго во животот - вели Гус, кој е специјализиран за грижа за тигрите, африканските бели лавови и гепарди.

- Кога мислевме дека товарот од Ковид-19 не може да биде потежок, видовме светло на хоризонтот. Голем број вработени почнаа да пристигнуваат во униформи на работа и продолжија да се грижат за нашите животни со гордост, без да очекуваат да бидат платени за тоа - вели Ендру Ериксен, сопственик на зоолошката.

Во зоолошката има повеќе од 4.000 животни, а сопствениците велат дека цената за нивно месечно одржување е околу 118.000 долари. Пред пандемијата зоолошката ја посетувале околу 120.000 луѓе годишно. Но, тие беа затворени откако владата на Јужноафриканската Република прогласи карантин на национално ниво.

Земјата постепено ги олеснува мерките за изолација, но секторот туризам допрва треба да добие дозвола за повторно отворање.

- Се соочивме со многу повеќе од обичен предизвик. Не добиваме помош од владата и целосно зависиме од приходите што ни ги носат посетителите - вели Ериксен.

Тој вели дека персоналот што морал да го отпушти го пријавил во фондот на јужноафриканската влада, која требало да им исплати дел од изгубените плати.

- Тоа траеше три месеци, а поминаа четири откако сме затворени, така што сега не го добиваат ни тоа - вели Ериксен.

Зоолошките градини и аквариумите низ целиот свет велат дека мерките за изолација биле прилично тешки, и покрај тоа што некои влади понудиле средства за помош. Британската зоолошка градина „Честер“ на почетокот од месецот предупреди дека поради изолацијата, постои опасност да биде затворена.

3

- Изминатите неколку месеци беа тешки за нашите членови - вели Габриела Кирк-Коен, директорка за комуникации на Светската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.

- Многу членови се непрофитни организации кои се потпираат на посетители за да заработат пари. Парите што пристигнуваат не само што се за храна на животните и за нивна нега, туку и со нив се поддржуваат многу конзерваторски проекти - вели таа.

Асоцијацијата има околу 300 члена. Се проценува дека во светот има повеќе од 10.000 зоолошки градини, но не постојат официјални бројки.

Животни во празна зоолошка градина


Кога се вратиле на работа, работниците забележале дека однесувањето на животните се променило откако зоолошката не примала посетители.

- Животните се прашуваат зошто нема посетители. Тие ги креваат главите да видат дали некој доаѓа - вели Лоув.

4

Експертите од зоолошките градини велат дека изолацијата ја зајакнала врската помеѓу животните и нивните старатели во многу зоолошки градини низ светот.

- Односот помеѓу животните и нивните чувари се продлабочи во услови на изолацијата - вели Дејв Морган од „Анимал Велфер“, меѓународни добротворни организации што им помагаа на зоолошките да се грижат за животните.

Нема плата во текот на пандемијата


Дел од персоналот што се вратил да волонтира на ранчот за диви животни „Канго“ едвај врзувале крај со крај без платата, па морале да најдат и други начини за да земаат плата во текот на пандемијата.

Крег Гус отворил хонорарен бизнис со продажба и се обидува да го води и додека работи доброволно во зоолошката градина.

- Не можев да ги платам киријата и другите сметки, како што е осигурувањето. Морав да работам уште шест часа на овие 10 до 12 што веќе ги поминувам грижејќи се за животните, за да си ги платам сметките и да го задржам покривот над главата - вели Гус.

Џени Лоув вели дека и за неа било тешко, но пронашла инспирација кај животните за кои се грижи.

- За мене најважни се животните и нивната благосостојба. Тие ми се приоритет. Кога гледам дека животните се среќни, тоа ми дава надеж дека еден ден работите ќе се вратат во нормала - вели таа.

Извор: ВВС
Фотографии: Cango Wildlife Ranch
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот