Првата парада на гордоста ќе се одржи на 29 јуни во центарот на Скопје, најави денеска Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Активистот Антонио Михајлов изјави дека Парадата на гордоста е протест во кој ЛГБТ-луѓето бараат афирмација, заштита и поддршка на човековите права од страна на државните институции и сите граѓани, активисти, културни и уметнички работници кои имаат прогресивни ставови и вредности, и кои покажуваат солидарност и поддршка на оваа борба.
Додаде дека Парадата креира простор што еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет.
- Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТ-движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТ-луѓето. Нашата држава е последната земја од регионот што организира Парада на гордоста - изјави Кочо Андоновски, член на организацискиот одбор.
Ирена Цветковиќ од Организацискиот одбор се надева дека оваа Парада на гордоста ќе биде една од најбезбедните и појасни дека освен МВР, и тие будно ќе ја следат ситуацијата и ќе вложат напор секој поединец што ќе присуствува на Парадата да се чувствува безбедно.
Извор: МИА