27 март е Светски ден на театарот. Театарските претстави од дамнина се едни од најомилените настани за луѓето на овие простори. Но, дали знаете кога тие претстави го добиле својот прв дом во Скопје? Ви откриваме во продолжение.
Населението од овие простори долго време пред да се изгради и формира театарска институција знаело за театарските игри и уличните забавувачи. Најчест облик на драмски игри биле игрите со сенки од типот на Караѓоз и Хаџиват, разни видови куклени претстави кои се изведувале за време на празниците итн.
Првиот театар во Скопје бил изграден во 1906 година за време на валијата Махмуд Шефќет-паша и го носел името „Градски театар Шубан и Ватан (Младина на татковината)“. Се наоѓал на кејот на Вардар (каде што е денешната зграда на МОБ) во близина на кахвехането Ада.
Театарот бил изграден од дрво, со многу скромни декорации, поради недостиг на средства. Градбата имала правоаголна форма и била со димензии 20 метри ширина, 37 метри должина и 14,5 метри висина. Објектот имал партер, галерии и повеќе од 20 ложи.
Сцената била изработена во Диселдорф, била широка и опремена со богата декорација. Гледалиштето имало капацитет за 700 гледачи. Салата била осветлувана со гас-ламби, а греењето било со обични печки и честопати не задоволувало.
Пред театарот имало градина со шадрван. Во овој театар се изведувале претставите на тогашните најпознати османлиски автори Шемседин Сами, Намик Кемал, а гостувал и познатиот актер Бурханедин ефенди. Гостувале повеќе познати театарски трупи како Микајан, Сеферија, Ахмет Фехми итн. Во театарот се одржувале и балови, хорски концерти, а имало и филмски проекции.
Театарот бил уништен во пожар во 1913 година, по само неколку години од неговото основање.
Извор и фотографии: ЦЕИПА