Се` што правиме го менува нашиот мозок. Но, дали вештините кои ги учиме со игрите кои ни го тренираат мозокот придонесуваат за зголемување на нашите когнитивни способности?
Клучното прашање е дали ги гледаме или забележуваме овие ефекти - и дали подобрувањето со овие игри оди подалеку од самата игра - на пример, дали помагаат во запомнување на фактите и бројките за претстојниот испит. Очигледно, ако играте игра со меморија со часови, секој ден, ќе бидете подобри во играта. Но, ако човек е експерт во една, специфична мемориска игра не е баш корисна вештина.
Во 2010 година, тимот предводен од истражувачот Адријан Овен се обидел да го одговори ова прашање. За таа цел тој спровел онлајн истражување во кое учествувале околу 11.500 луѓе и траело шест недели. Во истражувањето учесниците морале да вежбаат голем број различни задачи за тренирање на мозокот најмалку 10 минути дневно, три пати неделно.
Задачите опфатиле широк спектар на когнитивни способности за кои апликациите за мозокот тврдат дека ја подобруваат неговата функција - работи како планирање и способности за решавање на проблемите, краткорочно помнење, внимание и математички вештини. Исто така, кандидатите решавале „бенчмарк“ задачи пред и после шест неделната тренинг програма. Бенчмарк задачите биле различни, но оценувале исти вештини кои кандидатите ги вежбале во текот на период од шест недели.
Ако игрите за тренирање на мозокот даваат резултат и ги подобруваат когнитивните вештини, тогаш треба да се очекува дека после извршувањето на бенчмарк задачите ќе се зголемат вештините после програмата за обука која траела шест недели. Но, тоа не биле резултатите кои Овен ги добил - всушност, тимот добил спротивни резултати. Иако учесниците покажале некои подобрувања во задачите, сепак не се покажал никаков трансфер. Со други зборови, тимот не успеал да пронајде докази со кои ќе покаже дека функционира тренирањето на мозокот.