X
 14.12.2023 Технологија

Создаден хибриден биокомпјутер кој се состои од човечки мозок и компјутер

Многумина стравуваат од насоката во која ќе се развива вештачката интелигенција, а во меѓувреме, група истражувачи од САД направија хибриден биокомпјутер кој е комбинација од човечки мозок и компјутер.

Научниците успеаја да направат компјутер кој ги користи моќта на мозокот и моќта на класичните компјутерски системи. Ова достигнување е опишано во научен труд во кој пишува дека оваа технологија еден ден би можела да се интегрира во системите за вештачка интелигенција или да претставува основа за подобри модели на мозокот во истражувањата.

Системот вклучува мозочни органоиди - групи човечки клетки кои имитираат ткиво, а вообичаено се користат во истражувањата. Органоидите се направени од матични клетки кои се трансформирани во неврони, слични на оние што се наоѓаат во нашиот мозок.

За да го направат системот, истражувачите поставиле еден органоид на плоча која содржи илјадници електроди за поврзување на мозокот со електричните кола. Тие потоа ги превеле информациите што сакаат да ги внесат во електрични импулси што ги испратиле до органоидот. Одговорот на мозочното ткиво е фатен од сензорот и декодиран со алгоритам за машинско учење кој може да ги идентификува информациите.

За да ги тестираат можностите на системот, кој е наречен „Брејновер“, истражувачите ја искористиле технологијата за препознавање глас тренирајќи го системот со 240 снимки од говор на осум луѓе. Минимозокот реагирал различно на секој глас, создавајќи различен модел на нервна активност.

Со помош на вештачка интелигенција, системот научил да ги толкува информациите за да го идентификува говорникот. По тренирањето, системот можел да идентификува гласови со точност од 78 отсто.

Како што истакнуваат истражувачите, студијата потврдува некои клучни идеи кои на крајот би можеле да овозможат создавање на вистински биолошки компјутер. Технологијата може да се користи и за проучување на мозокот, моделирање и проучување на невролошките нарушувања, како што е Алцхајмеровата болест, и тестирање на ефектите од различни третмани.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија