Партнери од девет универзитети членови на Алијансата КОЛОРС од работниот пакет 5, академски, административен кадар и студенти, одржаа состаноци посветени на актуелни прашања за еднакви можности и услуги во високото образование.
Честа да биде домаќин му припадна на УКЛО. И овој, како и другите настани во европската универзитетска алијанса КОЛОРС, се одржуваше хибридно, со што вклученоста на сите партнери и соработници е максимална. Од 16 до 18 мај 2024 г. УКЛО ги обедини партнерите и повеќе надворешни актери во проблемска дискусија чии главни приоритети се диверзитетот, еднаквоста и инклузијата.
Проректорот на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, раководител на пакетот 5 на УКЛО, нагласува дека главната цел на проектот е деветте универзитети на КОЛОРС да се трансформираат во универзитети кои се наклонети да работат во полза на заедницата со суштинска и конкретна ориентација кон вакви актуелни теми.
Професорот Мартин Јенс Персон од партнерскиот универзитет Кристијанштад, Шведска, раководител на работниот пакет 5 на ниво на Алијансата, осврнувајќи се кон инклузијата во високото образование, смета дека академијата го облагородува општеството се вклучување лица независно од аспектите на различност и попреченост, од различни возрасти и профили.
На работните средби се констатираа сличностите и разликите на политиките за еднаквост, диверзитет и инклузија во деветте партнерски институции, како и на ниво на држави и ЕУ, а се воспоставија и заеднички категории и принципи со кои ќе се работи на унапредување на истите на ниво на Алијанса.
Преку Алијансата КОЛОРС, ние како УКЛО успеваме да го манифестираме фактот дека УКЛО е рамноправен член на една ваква значајна, историска и богата Алијанса со знаење, компетенции, предизвици, порив и желба да се напредува на колективно ниво, оценува академскиот раководител на КОЛОРС УКЛО, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, оценува дека дејствувањето на КОЛОРС ќе донесе тотална промена во работата на УКЛО на ниво на Алијанса и пошироко, став што го потврдува и Сана Гета, потпретседател за меѓународна соработка на Универзитетот Ле Ман во Франција и кораководител на пакетот 5 на Алијансата. Таа ја нагласува важноста од одржување вакви средби на членовите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и истакнува дека за ефектите од Алијансата во регионот и за нивно влијание во општеството, потребно е повеќе време.
Состанокот на работната група 5 на КОЛОРС е заокружен со заклучоци произлезени од меѓусебната конверзација на претставници од училишта, организации и невладиниот сектор, при што се детектирани и идентификувани одредени перцепции, практики и конкретни активности, насочени за подобрување и унапредување на културата на еднаквост, диверзитет и инклузија како прашања кои ги засегаат сите општествени чинители.
Хибридниот настан од работниот пакет 5 својата практичност ја потврди благодарение на заедничка дебата и вклученост на различни општествени чинители во напорите да се унапредат сознанијата и пристапите за инклузија во високото образование со акцент на следење на индикаторите за инклузивна средина, како што се градење инклузивна култура, креирање инклузивна политика и развивање инклузивна практика.
Во фокус на анализираните конструкции се активирани темите за инклузивна средина, инклузивни вредности, универзитет за сите, преку промовирање на различноста, организација и мобилизирање на ресурси според мислењето на училишни и универзитетски педагози и стручњаци од други комплементарни области.
На состанокот на работната група 5 на КОЛОРС се констатираа разликите, но и сличностите на политиките на универзитетите членки на Алијансата, како и на државните и меѓународните регулативи во однос на инклузивноста, и се започна со утврдување заеднички пристап за унапредување на истите.
Заложбата е единствена, достапноста на универзитетското образование за сите е нужен стандард што треба да се поседува и да биде јасно изразен и применлив.
(Комерцијална објава)