Поседувам силна работна етика и си поставувам високи стандарди бидејќи така се станува најдобар. Сега сум посветена на завршувањето на постдипломските, по што плановите ми се студии од трет циклус и научна работа тука, во Македонија
Ангелина Стаматоска дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, на студиската програма Квалитет и безбедност на храна, со средна оценка 9,78. Дипломирала во јули 2017 година како најдобра во нејзината генерација, а сега е на постдипломски студии на истиот факултет.
Со Ангелина разговаравме за тоа како се станува најдобар во генерацијата, за работната етика, мотивите и поставувањето високи критериуми, за сегашните и идните нејзини планови и професионални ангажмани...
- Поседувам исклучително силна работна етика. Да станам најдобра во својата генерација успеав со вложување многу труд, а понекогаш и со откажување од некои задоволства што го чинат животот. Меѓутоа, тоа што сум најдобра - ме исполнува. Кога еднаш ќе постигнете високи резултати, повисоки од тие што сте ги очекувале, сами си задавате задачи и си давате стимул, каде што сопствените критериуми се сѐ повисоки.
Што работите сега?
- Дипломирав на 5 јули 2017 година. Моментално сум на постдипломски студии на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, насока Квалитет и безбедност на храна, модул Етноботаника. Факултетот на кој дипломирав и на чии постдипломски студии сум запишана ми овозможи школарина. Истовремено учествувам во техничкото организирање на наставата и научно-апликативната работа на Факултетот.
Со какви предизвици се соочуваат студентите на Земјоделскиот факултет?
- Тргнувајќи од сопственото искуство, од почетокот на моето студирање, па сѐ до денес, факултетот ми овозможи да откријам нови хоризонти, да учам во современо опремени лаборатории преку самостојна работа и практична настава, учество во проекти, студентски смотри и симпозиуми. Имав чест знаењето несебично да ми го пренесуваат најдобрите. Факултетот за земјоделски науки дава големи можности за напредување на професионален план, нудејќи студиски програми кои обезбедуваат научен кадар кој се одликува со знаења и вештини.
Факултетот, исто така, овозможува и вклучување во научноистражувачката работа од областа на земјоделството, храната и животната средина. Впрочем, иднината на човештвото се заснова на квалитетен живот, а тоа подразбира квалитетна и безбедна храна.
Што научивте кога станува збор за квалитет и безбедност на храна?
- Пред сѐ, оваа студиска програма на Факултетот за земјоделски науки и храна е насочена кон темелно запознавање со потребите на прехранбената индустрија за да се прошират знаењата во однос на квалитетот и безбедноста на храната. Преку едукацијата на студентите се создаваат кадри кои своето знаење ќе го применат за препознавање на потенцијалните микробиолошки, хемиски и физички контаминенти, со нивна детекција, почнувајќи од примарните суровини, преку процесот на нивно производство и складирање, па сѐ до нивна дистрибуција. Покрај тоа, од особена важност се и санитарните услови, што сумирано значи дека е потребна следливост на прехранбените производи. Сето ова би било остварливо доколку се имплементираат стандардите и се спроведува законската регулатива за квалитет и безбедност на храна.
Какви се Вашите планови, каде се гледате во иднина?
- Сега сум сконцентрирана на завршувањето на моите постдипломски студии. Моите планови се да продолжам да се занимавам со науката и да се запишам на студии од трет циклус. Република Македонија е мојата татковина. Не би ја напуштила и во иднина се гледам тука.