Целта ми е да ги убедам луѓето да ги занемарат предрасудите што ги имаат кон физиката и да сфатат колку магичен може да биде светот без магија, вели Виктор Димовски
Виктор Димовски студираше астрономија и астрофизика и доби пофалница за најдобар студент на Институтот по физика на ПМФ, со просек 9,54. За ова признание вели дека му претставува награда за трудот што го има вложено во изминатите 4 години, а поради неможноста да напредува во Македонија, иднината ја гледа во странство.
- Признанието баш ме изненади, не очекував и не знаев дека воопшто се прогласуваат најдобрите дипломирани студенти на ПМФ. Инаку, за да се запишам на Институтот по физика пресудно ми беше тоа што веќе една година имав одлучено дека ќе студирам астрофизика и беше прерано да мислам на студирање во странство. Целта ми беше да постигнам доволно ниво на образование за да можам да го продолжам во странство - споделува Виктор.
Недостиг на ресурси за астрономија и астрофизика
Вели дека за време на студирањето се соочил со низа предизвици.
- Од предизвици во текот на студирањето најголем ми беше недостигот на ресурси, како и недостигот на интерес за едукација што владее во нашата држава и на мојот факултет за ова поле на проучување. Тоа придонесе наместо мојата желба да го учам она што го сакам да се зголеми во текот на студирањето, да треба да ја негувам и штитам од сите фактори што како да се трудеа да ја згаснат. Најголема мотивација ми беше можноста за понатамошно студирање и кариерен успех што помалку да ми биде оставена на среќа. И, секако, тешко беше да се оствари и одржи во континуитет успехот. Единствена жртва што ја правев за да го постигнам и одржувам успехот беше дел од моето слободно време (и нерви, секако). Сепак, учењето на предметите од астрофизиката ми причинуваше задоволство и ми даде чувство како конечно да навлегувам професионално во темата која најмногу ме привлекува - посочува Виктор.
Целта ми е да дојдам до ново сознание
Во текот на студирањето во фокус му биле неутронските ѕвезди и на таа тема го изработил и дипломскиот труд.
- Целта ми е да ги истражувам неутронските ѕвезди - остатоци од масивни ѕвезди. Не мислам единствено на нив да ја посветам целата моја кариера, ме интересираат многу од небесните објекти, но тие ми се најголема љубов во астрофизиката (барем досега). Конкретна цел за понатаму немам, би сакал да завршам магистерски и докторски студии и да се занимавам со научно истражување, но оставам простор да си го сменам мислењето со текот на времето затоа што немам никакво искуство со таа работа досега. На личен план, релативно скромната кариерна цел ми е да дојдам до некакво, какво било ново сознание, парче информација која ја нема добиено никој претходно. Дури и тоа да е едно ново мерење за некој непознат објект, целта ми е во некаква мера да придонесам за човечкото знаење. Општо за мојата професија би рекол дека целта ми е да направам повеќе луѓе да ја видат убавината во физиката која јас ја гледам, да ги убедам луѓето да ги занемарат предрасудите што ги имаат кон неа и да сфатат колку магичен може да биде светот без магија. Во поглед на моето понатамошно образование, во октомври ги започнав моите постдипломски студии на Универзитетот на Падова во Италија, а понатаму планирам да го продолжам образованието во странство. Во Македонија, дури и доколку би сакал да работам, нема апсолутно никакви ресурси и можности, освен теоретско истражување и соработка со групи од странство - истакнува нашиот соговорник Виктор.
Фото: приватна архива