X
 18.04.2019 Живот

Најдобриот наставник на светот е човек каков што ретко се раѓа

Наставник од Кенија стана познат преку ноќ откако ја освои Глобалната награда за наставници. Сепак, неговата приказна е поголема и помоќна од секоја награда што би можел да ја добие.

36-годишниот Питер Табичи е наставник кој дал отказ во приватно училиште за да предава математика и физика во едно сиромашно село во Кенија, во кое речиси 95 отсто од луѓето живеат во сиромаштија. Класовите се преголеми, а понекогаш во нив има и до 80 ученици. Некои од нив пешачат многу километри за да стигнат на настава, а секојдневен проблем е недостигот на најважни ресурси, како што се книги и учебници.

- Повеќето ученици доаѓаат од сиромашни семејства кои не можат да си дозволат ни појадок - напомена тој во неговиот говор по освојувањето на наградата што ја доби кон крајот на март во Дубаи.

Питер дава 80 отсто од својата плата за да им помогне на учениците кои не можат да си дозволат да купат книги и униформи и со тоа не би можеле да го продолжат школувањето. Тој веќе најави дека поголемиот дел од паричната награда ќе им го донира на сиромашните.

1
Фото: Global Teacher Prize/Epa

Табачи покажа дека оние што сакаат да постигнат нешто секогаш наоѓаат начин.

Училиштето нема интернет, па Питер патува до интернет-кафе за да преземе материјал за своите лекции. Освен тоа, тој се обидува да ја промени свеста на луѓето за традицијата девојчињата да се мажат рано, поттикнувајќи ги семејствата да ги остават своите ќерки да продолжат да се школуваат.

Посветеноста на овој млад наставник се гледа и во успесите на неговите ученици - тие почнале да освојуваат награди дури и на меѓународни натпревари, а многу од учениците на кои им предавал веќе се примени на универзитетите.

Џон Вангаи, заменик-директор на училиштето, вели дека сега ќе се зголеми уписот на ученици со одлични постигнувања.

- Веруваме дека сега се промени ставот на заедницата и отсега ќе добиваме ученици кои постигнале повеќе. Сега родителите и учениците ќе знаат дека доаѓаат во добро училиште - вели тој. Вангаи се надева дека со победата на Табичи, Комисијата за наставни услуги ќе размисли за вработување повеќе наставници во училиштето.



- Би сакале уште една добро опремена лабораторија бидејќи во моментов имаме само една за практична работа за сите три научни предмети (биологија, хемија и физика) - изјави Вангаи. Освен тоа, тој се надева на донации на книги и комплетна библиотека.

Табичи вели дека неговата намера е да инвестира во образованието за наука, технологија, инженеринг и математика и да ангажира други партнери на локално и меѓународно ниво за да ја реализира својата мисија.

- Планирам да создадам програми за размена на СТЕМ (science, technology, engeneering, maths) со локалните и глобалните институции. Ќе работам на развивање на ИКТ-инфраструктура во моето училиште, бидејќи тоа е мојата страст - вели тој

- Мојот фокус нема да бидат само децата, туку и помош на заедницата да се адаптира на климатските промени. Ќе им помогнам да усвојат модел на растечки култури што се толерантни на суша - вели тој.

Табичи ја освои наградата во конкуренција од 10.000 кандидати од 179 земји.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот