X
 05.01.2021 Наша тема

Наставниците збунети по повикот за менторство. Еве што ќе работат менторите

Во интерес е тој наставник-ментор да е најквалитетниот бидејќи тој ќе биде ментор не само на приправниците, туку на сите наставници во училиштето. Наставникот ќе биде ментор сè додека не премине на следно ниво, а тоа е наставник-советник, кога платата уште повеќе се зголемува, тврдат надлежните

Кој ќе потврди дека одреден наставник во основно образование заслужува да биде избран за наставник-ментор? Дали за тој надомест од околу 2.800 денари менторот ќе треба да работи во или надвор од работното време, дали директорот има простор да си намести свои наставници да станат ментори? Зошто од училиште во кое има 10 наставници што ги исполнуваат условите само еден може да биде избран за наставник-ментор?... Ова се само некои од дилемите што се отворија откако Министерството за образование и наука го објави јавниот повик за наставниците да достават барање за напредување во звање наставник-ментор.

Факултети.мк поразговара со неколкумина наставници, а одговори побаравме и од надлежните во Бирото за развој на образованието.

Ќе си создаваат ли директорите свои наставници-ментори?

Наставниците со право поставуваат многу прашања во врска со оваа новина, со оглед на фактот дека таа првпат станува дел од нашиот образовен систем. Наставникот Гоце Бумбароски прашува која институција ќе потврди дека одреден наставник ги поседува компетенциите за да стане наставник-ментор.



- За да може еден наставник да стане ментор, треба да е минимум седум години во професијата, да е вработен на неопределено време, како и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. Првите два услова лесно се докажуваат, но третиот е загатка. Во Правилникот за професионални стандарди има седум подрачја што треба да ги исполнува оној што ќе конкурира (работа со ученици, работа со наставници, работа со родители, соработка со заедницата, професионален развој и професионална соработка, аналитичко-истражувачка работа и училишна структура, организација и клима). Она што мене ме стави во позиција да се прашувам е кој ќе потврди дека тој и тој наставник ги поседува компетенциите наведени во овој правилник? Бирото за развој на образованието (БРО), Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Општината или, пак, директорот на училиштето? Дали ова е одлична почва за да си создадат директорите свои наставници-ментори? - прашува Бумбароски.

„Ги бараме најдобрите, независно од партиската определба“

Согласно членот 33 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, еден од условите што се бара е доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за наставник-ментор, од доказите содржани во професионалното досие на наставникот.
За тоа како се обезбедуваат овие докази и кој ќе ги оценува, побаравме објаснување од Митко Чешларов, раководител на секторот за развој на наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието, координатор на работата група за изработка на Концепцијата и автор на концепциски документи, програми и други стручни документи и прирачници за наставата и учењето.

За 2.869 денари ќе порасне нето-платата на наставниците што ќе добијат звање ментори

- Посебна комисија ќе ги бодира сите ангажмани на наставникот. Во докази спаѓаат обуките што ги поминал наставникот во изминативе пет години. Се вреднува секоја обука, односно дали обуката била за наставникот да стане обучувач или обука што ја посетил. Сето тоа посебно се бодира. Има дел бодирање и за тоа колку стручни трудови напишал наставникот, дали пишувал учебници. Ако исполни одреден процент од сето ова, тој влегува „во игра“, го поминува првиот круг. Понатаму се праќа барање до БРО, па советник оди на терен, на час, ја следи работата на наставникот на час, а исто така и училиштето дава мислење за наставникот. Првпат нема да има простор за никакво влијание врз изборот. Во интерес е тој наставник-ментор да е најквалитетниот бидејќи тој ќе биде ментор не само на приправниците, туку на сите наставници во училиштето. Наставникот ќе биде ментор сè додека не премине на следно ниво, а тоа е наставник-советник, кога платата уште повеќе се зголемува - појаснува Чешларов.

Тој потсетува дека има четири нивоа, прво се станува приправник, па наставник, па по седум години - наставник-ментор и наставник-советник. Во сите нивоа платата е сè поголема.

- Првпат во кариерата на наставникот има звања со кои тој напредува, а на тој начин и се мотивира. Досега платите на наставниците се зголемуваа линеарно, на сите по 5 отсто, без оглед дали некој заслужил или не. Овој пат се добива многу, унапредувањата ќе значат далеку поголема сатисфакција. Изборот нема да биде пристрасен, нема да биде партиски и нема директорот да одбира. Првпат тие што се квалитетни ќе добијат звања, а целта е да почне да функционира системот на образование и кариерен развој и сите да сфатат дека може да напредуваат. Оваа реформа не е парцијална, туку е сеопфатна - додава Чешларов.

Примената на законот во делот за напредок во кариерата е дел од новата концепција за основно образование. Најпрво, наставник-ментор ќе може да стане по еден наставник од секое училиште во Општината, а право да се пријават на јавниот оглас имаат наставниците од сите општини во државата. Секоја година ќе има конкурс за кариерно напредување и бројот на наставници што ќе може да напредуваат ќе биде сè поголем.

Барбареев: Она што е најважно сега е избор без влијанија

Концепцијата овозможува ефективен континуиран професионален и кариерен развој од перспектива на наставникот и системот, вели проф. д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а кој е дел од тимот што работи на новата концепција за основно образование.

- Можноста за напредување во кариерата е и признание за мотивираните и квалитетните наставници и стручни соработници и придонесува за нивна афирмација и за афирмација на образовните професии, што на краток и на долг рок може да придонесе и за привлекување способни и мотивирани студенти на наставничките факултети, а со тоа и поквалитетно образование. Она што според мене сега е најважно, е праведност и вистински избор на добрите наставници по стандарди и критериуми без политичко или какво било друго влијание. На наставниците и на родителите сега им е потребно да се видат вистинските намери за подобар систем, и тоа ќе зависи од секој чекор што го преземаат МОН и сите стручни тела во МОН. Само така може да се врати загубената доверба низ сите овие години - смета Барбареев.

Шеесет часа обуки во рок од три години

Како што пишува во членот 26 од Законот за наставници и стручни соработници, професионалното усовршување на наставниците се остварува преку акредитирани програми за обука, преку проекти одобрени од Министерството, интерно стручно усовршување во училиштето, меѓуучилишни тимови за учење и преку индивидуални форми на учење.

Професионалното усовршување се остварува без да се наруши воспитно-образовниот процес во училиштето, за што грижа води директорот на училиштето. Наставниците се обврзани во рамките на континуираното стручно усовршување да посветат најмалку 60 часа на обуки во текот на три учебни години.

„За сопственото стручно усовршување, наставникот прави личен план за професионален развој за секоја учебна година врз основа на самоевалуацијата во однос на професионалните компетенции, резултатите од интегралната евалуација и извештаите од посети на директорот на училиштето, советници од Бирото и Државниот просветен инспекторат. Планот го одобрува директорот на училиштето на предлог на тимот за професионален развој во училиштето. Тимот за професионален развој го сочинуваат координаторите на стручните активи на наставници во училиштето, директор и стручен соработник во училиштето“, стои во членот 28.

Наставникот може да напредува во звањата наставник-ментор и наставник-советник. Професионалните стандарди за звањата наставник-ментор и наставник-советник и начинот на стекнување ги пропишува министерот на предлог од Бирото. Бројот на наставници што може да се стекнат со звања наставник-ментор или наставник-советник за секоја општина, општина во градот Скопје, односно град Скопје, за секоја фискална година го определува министерот, по претходна согласност од Владата.

„Наставник може да напредува во звање наставник-ментор ако има најмалку седум години работно искуство како наставник, е вработен на неопределено работно време и ако ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. Барањето за напредување во звање наставник-ментор се доставува до Министерството по објавен јавен повик, преку електронска апликација на интернет-страницата на Министерството, со следнава документација: диплома или уверение за завршено соодветно образование или копија заверена на нотар, доказ за исполнетоста на професионалните стандарди за наставник-ментор од доказите содржани во професионалното досие на наставникот, оцена од Бирото, односно Центарот и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за наставник-ментор и извештај од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за остварен работен стаж на наставникот“, наведено е во членот 33 од Законот.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема