X
 20.07.2020 Живот

Филип Петровски од Дата Мастерс: Ги враќаме младите квалитетни кадри во Македонија

Повеќепати сме пишувале за македонската компанија Data Masters. Компанијата која е прва специјализирана во областите Data Science и Business Intelligence во земјава, очигледно се специјализира и за враќање на квалитетните кадри што заминале во странство назад во земјава. По Филип, основачот на компанијата, кој самиот одлучува да се врати во Македонија и да ја основа Data Masters тука, од месецов тимот го засилуваат со уште две колешки кои се враќаат од Португалија.

Во продолжение е интервјуто на Факултети.мк со Филип Петровски за новостите во светот на Data Masters.

Иако веќе сме пишувале, да ги потсетиме читателите на Факултети.мк која е Дата Мастерс и што работи, со оглед на тоа дека се занимава со една од најбараните професии за 2020 година?


Филип: Дата Мастерс е првата македонска консултантска компанија специјализирана во областа на податоците, поточно бизнис-интелигенцијата, машинското учење и вештачката интелигенција. Нашата мисија е преку еден поинаков бизнис-модел, комбинирајќи консалтинг и едукација, да пренесеме знаење и да им бидеме партнери на најголемите македонски компании во нивната трансформација во т.н. data-driven компании. Во светот најголемиот дел од успешните компании веќе се data-driven, односно носат одлуки базирани на податоци, па затоа ние ја основавме компанијата тука со цел истите можности да им ги понудиме и на македонските компании.

Ние ги собираме сите податоци за компанијата, креираме аналитичка алатка и правиме математички модели кои ги предвидуваат нејзините идни резултати. Дополнително нудиме и обука за вработените за да можат да продолжат да ја „растат“ компанијата со помош на нашите алатки. Иако 80% од проектите ни се надвор од Македонија, особено сме горди што во овие 2 години успеваме да започнеме соработка со еминентни македонски компании-лидери во својот сектор.

Тимот на Дата Мастерс се проширува. Но она што е интересно е дека успеавте да вратите две млади и успешни девојки што се занимаваат со Data Science од Португалија во Македонија. Вакви приказни, за жал, ретко слушаме, па мислиме дека е интересно да ги раскажеме. Кои се новите колешки и што е она што ги натера да се вратат?

Да, тоа се Дина и Марта, кои во последниве 2,5 години живееја и работеа во Португалија, каде што стекнаа меѓународно искуство работејќи на огромни проекти во областа на бизнис-интелигенцијата (Business Intelligence). Причината поради која ги „враќаме“ во Македонија е нашата визија да создадеме светски тим тука. Најпрво јас ја основав компанијата, потоа ја „вративме“ Мартина минатата година, а сега и Дина и Марта. Сите вработени во Data Masters имаат знаење од светски размери. Само на овој начин ние како компанија и нашите клиенти ќе бидеме еднакво компетитивни како нашите сродни компании во светот. Нивното искуство и знаење е круцијално во растот на Дата Мастерс, како и во развојот на тимот и останатите колеги кои во моментов работат во областа. Од првиот ден работиме на тоа да создадеме услови за да ги привлечеме најдобрите кадри од областа и да создадеме нови Data Master-и, кои ќе работат на еднакво големи проекти од Македонија, како што тоа би го правеле од некоја поразвиена земја.

Во кои области ќе работат Дина и Марта?

Дина и Марта ќе го предводат Business Intelligence тимот на Дата Мастерс и ќе бидат клучен дел во растот и развојот на младите консултанти во компанијата.

Дали и колку е важно меѓународното искуство и „know how“ за една македонска компанија која соработува со компании од целиот свет?

Меѓународното искуство во нашиот случај е клучна предност што ја добиваат македонските компании кои работат со Дата Мастерс. Главната карактеристика на тимот што го градиме е консултантскиот пристап во работата кој не е премногу застапен во ИТ-компаниите во Македонија. Секој “data master” се очекува да ги разбере уникатните бизнис-проблеми и потреби на клиентот и да понуди конкретни решенија скроени за компанијата. Сега е ера на глобализација и Македонија се отвора кон европскиот пазар. Затоа, од исклучителна важност е домашните компании да работат со луѓе што имаат искуство со работа на проекти за европски компании-гиганти во своите области.



Можна ли е соработка со Португалија, колку се важни контактите што ги оствариле новите колешки во Португалија?

За повеќето од нас Португалија е како извор на нашето знаење и држава од каде што сме имале можност да работиме на големи светски проекти. Нашата мрежа на контакти природно е најголема таму, па затоа веќе ја разгледуваме можноста да се прошириме и во тој правец. Или што би рекле, речиси сите компании денеска: „Да заврши кризава, и нè чекаат уште поубави предизвици“.

Дали мислите дека Дина и Марта се изолиран случај или има надеж младите паметни Македонци да почнат да се враќаат дома, а сепак да ги развиваат своите кариери?

Искрено, не би сакал да верувам дека Дина и Марта, ниту Мартина и јас сме изолирани случаи. Како што напоменав и претходно, со огромен ентузијазам работиме за да успееме да го вратиме искуството дома. Се трудиме преку академиите и работата со компаниите да искалиме што е можно повеќе „кадри“ кои ќе работат на развој на македонските компании. Со тоа верувам дека и многу млади луѓе ќе ја гледаат иднината тука, во модерни data-driven компании, каде што и ќе имаат сериозен личен развој. Среќни сме што проектите на кои веќе работиме имаат одлични резултати и тоа ми дава уште поголем оптимизам.

Ја споменавте и Академијата на Data Masters. Кој може да се пријави и што можат да научат учесниците?

Како што кажав, ние работиме на Data Science и Business Intelligence проекти низ целиот свет. Овие два профили на вработени се меѓу најбараните во светот за 2020. Тие се насушно потребни за компаниите, а ги нема доволно. Затоа одлучивме да ја создадеме првата Академија специјализирана само за Data Science. Имаме персонализиран пристап, односно го следиме секој студент и го насочуваме неговиот развој. Меѓународното искуство на нашите тренери несебично се пренесува на студентите. Академијата на Data Masters е признаена и од државата, односно од Министерството за образование. Студентите од 18 до 29 години можат да аплицираат и за вредносен ваучер до 30.000 денари од државата, со што можностите за учење се уште поповолни. Кога веќе има потреба за вакви кадри и кај нас и во светот, ајде да се обучиме и да имаме предност пред другите. Само така ќе направиме услови за повеќе млади да се враќаат и да работат во Македонија, односно јас, Дина, Марта и Мартина да не бидеме исклучок, туку правило.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот