X
 12.08.2019 Живот

Младите Швеѓани го напуштаат домот на родителите на 18,5 години

Културолошко-економските разлики меѓу северот и југот на Европа, северниот индивидуализам и дистанцираноста наспроти медитеранската фамилијарност, веројатно никогаш нема да бидат целосно надминати. Сепак, треба да се размисли околу некои културни и економски последици на функционирањето на тие општествени идеал-типови.

Веќе е познато дека фамилијарните врски се многу поважни на југот од Европа отколку на северот, како и тоа дека младите лица подолго остануваат да живеат кај родителите, но и повеќе се женат и мажат. Голем број критичари за медитеранскиот тип на живот сметаат дека токму таквите фамилијарни, речиси племенски врски му пречат на развојот на индивидуализмот и индивидуалните одговорности, додека „медитеранистите“ им замеруваат на луѓето од северните земји за отуѓувањето и емоционалниот студ.

Поделба север-југ

Според податоците за 2017 година, речиси половина од жителите на ЕУ на возраст од 18 до 34 години живееле со родителите, додека во Финска само 18,7 отсто од жителите на таа возраст живееле со родителите. Најголемиот удел во ЕУ е во Хрватска, каде што во 2017 година со родителите живееле 73,2 отсто од жителите на возраст од 18 до 34 години.

selidba
Фото: Freepik

Хрватите исто така најдоцна го напуштаат домот на родителите, па последните податоци за 2018 година покажуваат дека во моментот кога ќе одлучат да се преселат, тие во просек имаат 31,8 година. Повеќе од 30 години имаат и Словаците (30,9), Малтежаните (30,7) и Италијанците (30,1), додека европскиот просек во 2018 година изнесувал 26 години. Најмлади биле Швеѓаните, кои во просек го напуштаат домот на родителите на 18,5 години, а потоа следуваат жителите на Луксембург (20,1 години) и на Данска (21,1 година).

Ова покажува дека Хрватите се шампиони во медитеранскиот начин на живот во ЕУ, но големо прашање е колку, барем во последните десет години, тоа е последица на културолошките обрасци на однесување, а колку на 6-годишната рецесија.

А дека рецесијата и забавувањето на економијата во ЕУ оставија последици кај младите, доволно покажува и податокот дека во Унијата се вработени помалку од половина од работоспособните млади лица. Стапката на вработеност на младите во ЕУ во 2018 година била 49,8 отсто, што значи дека има пораст во споредба со 2013 година, кога е забележана најниската стапка во последните 9 години (45,9).

Во Хрватска стапката на вработеност во 2018 година била 41,3 отсто, додека во 2013 била 31,6. Највисоката стапка на вработеност меѓу младите е во Холандија (70,9 отсто), а најниската во Грција (30 отсто). Значи, лесно може да се увиди разликата меѓу северот и југот.

Образование

Тоа е видливо и во статистичките показатели поврзани со вработеноста на неодамна дипломираните. Имено, таа категорија се однесува на лица на возраст од 20 до 34 години, кои не учат и не се оспособуваат, а своето образование го завршиле во последните три години. Во 2018 година, на ниво на ЕУ, стапката на вработеност на неодамна дипломираните изнесувала 81,6 отсто. Највисока била на Малта (94,8), а најниска во Грција (55,3). Во Хрватска стапката на вработеност на неодамна дипломирани во 2018 година изнесувала 71,2 отсто.

Хрватите ги загрижува и податокот дека уделот на младите што не се вработени, не учат и не се оспособуваат лани изнесувал 16,2 отсто, што е повеќе од просекот на ЕУ (14,1 отсто). Многу голем процент, најголем во ЕУ, има Италија, каде што една петтина, односно 24,8 отсто од младите не учат, не работат и не се оспособуваат, додека нивниот процент во Холандија е само 6,8.

Загрепските медиуми пренесуваат и уште еден податок. Имено, во споредба со 2017 и 2010 година, бројот на млади возачи на возраст од 19 до 24 години бил во опаѓање. Така, во 2010 година имало 207.349 возачи на таа возраст, додека во 2017 бројот се намалил на 178.989.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот