X
 21.12.2018 Наука

Колку минути се потребни за да поверуваме во сопствените лаги?

Нова студија покажа дека за само 45 минути почнуваме да веруваме во лагите што ги кажуваме.

Истражувачите користеле електроенцефалографија (ЕЕГ) за да ја следат активноста на мозокот кај помлади и кај постари лица додека тие давале точни и лажни одговори на прашања. Кај постарите лица, на возраст од 60 до 92 години, била забележана поголема веројатност да прифатат како вистина некоја лага што ја кажале пред помалку од еден час, за разлика од испитаниците на возраст од 18 до 24 години.

- Постарите лица имаат поголеми тешкотии да направат разлика меѓу она што е реално и она што не е - вели авторката Лаура Пејџ.

Таа додава дека резултатите од студијата сугерираат дека кажувањето лага ја поматува меморијата на постарите, па им е потешко да се сетат што навистина се случило, притоа веруваат повеќе во лагата.

Во студијата, на 42 учесници (околу половина постари и половина милениумци) им бил даден прашалник со 102 прашања за тоа што правеле претходниот ден. Во прашалникот имало прашања како: Дали користевте виљушка кога ручавте? Истражувачите им кажале на испитаниците да излажат на половина од случајно избрани прашања. По 45 минути испитаниците ги одговарале истите прашалници. Овој пат истражувачите им рекле да ја кажат само вистината.

Главното прашање за истражувањето било дали лагата останала? Кога испитаниците лажеле на некое прашање првиот пат, дали запомниле дека излажале или сега мислат дека лагата е вистина?

Резултатите покажале дека во споредба со помладите, постарите испитаници биле посклони кон верување во лагата.

Дополнително, податоците од ЕЕГ откриле дека лажењето ги вклучува процесите на мозокот одговорни за работната меморија. Според Пејџ, ова откритие сугерира дека лагата може да се всади во меморијата и да имаме чувство како да е реална, како да е вистина.

- Лажењето ја менува меморијата. Создава нова меморија за нешто што не се случило - вели таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука