X
 20.08.2020 Живот

Запознајте го величествениот амурски леопард, најреткиот вид во светот

Знаеме дека леопардите живеат во африканските савани или во националните паркови на Индија. Но, дали знаете дека постои еден вид леопард чиј дом е суровата клима на далечната Источна Русија? Амурскиот леопард е прекрасно животно кое, за жал, е сериозно загрозено. Околу 90 амурски леопарди живеат во дивината и тие се едни од најретките видови на Земјата.

Причините поради кои се намалил бројот на единки од овој вид се ловокрадството, ловокрадството на нивниот плен, губењето на нивните живеалишта и уништувањето на шумите. Постои и загриженост дека малата популација на овие леопарди се соочува и со вкрстување, поради што сè помал број младенчиња преживуваат.

1

Во 2007 година извештаите покажале дека имало од 19 до 26 вакви леопарди. За среќа, веста во 2019 година дека 90 амурски леопарди биле забележани по должината на границата меѓу Кина и Русија била вистинско освежување. Зголемувањето на популацијата на ова животно делумно се должи на соработката меѓу руската и кинеската влада, чии научници и истражувачи почнаа да соработуваат за подобро да ги разберат и заштитат овие леопарди.

Како може да се врати овој вид од работ на изумирање? Организацијата Сојуз за зачувување на диви мачки користи неколку стратегии за зголемување на популацијата. Ова вклучува формирање екипи против ловокрадство, следење на леопардите, чување две популации на женки во заштитен терен и програми за образование во училиштата. Организацијата се надева дека со вклучување на заедницата и владата ќе може да се спаси ова фасцинантно животно.

2

Во моментов има повеќе амурски леопарди во заробеништво - околу 173 отколку во дивината. Во тек се специјални програми за размножување за да се продолжи генската разновидност кај видовите, а руската и кинеската влада проценуваат дали овие леопарди во заробеништво би можеле да се вратат на нивните територии во слобода. Да се надеваме дека овие напори ќе помогнат да се зголеми нивната популација.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот