X
 20.08.2021 Живот

Дали знаете што се „Медали на пријателството“?

Олимписките игри се познати не само по тоа што ги собираат врвните спортисти од светот, туку и по создавањето пријателства. Никогаш ова не било поочигледно отколку за време на Олимписките игри во Берлин во 1936 година. Токму таму се родиле „Медалите на пријателството“ исковани од љубовта и восхитувањето помеѓу двајца соиграчи.

Суео Ое и Шуеи Нишида од Јапонија на Олимписките игри во 1936 година се натпреварувале во скок во височина. За време на настанот, 25.000 гледачи гледале како натпреварувачите прескокнале 4,15 метри, па останало да се натпреваруваат за прво, второ и трето место.

Еден натпреварувач, Американецот Ерл Медоус, прескокнал 4,35 метри, а ова му го загарантирало златниот медал.

1
Фото: Wikimedia Commons

Откако уште еден олимпиец отпаднал бидејќи не успеал да скокне 4,25 метри, останале двајцата јапонски пријатели и соиграчи да се натпреваруваат за сребрениот и бронзениот медал. И Суео и Шуеи успеале да прескокнат 4,25 метри, но наместо да продолжат да се натпреваруваат, тие направиле нешто неверојатно, нешто што може да се случи само на Олимпијада, каде што спортистите ја разбираат жртвата и одлучноста потребна да се стигне до оваа фаза - и двајцата одбиле да продолжат. Наместо да го продолжат натпреварот, тие сакале да го поделат подиумот како еднакви.

За жал, во 1936 година олимписките претставници не верувале во таков благороден гест, па му рекле на јапонскиот тим дека треба да донесе одлука кој ќе земе сребрен, а кој бронзен медал. Така, врз основа на бројот на обиди што им биле потребни на натпреварувачите, Нишида го добил сребрениот медал, а Суео го добил бронзениот.

1
Фото: Flickr

Наместо да се помират со одлуката на комисијата, натпреварувачите одлучиле да ги поделат медалите кога се вратиле во Јапонија. Тие направиле два нови медали, полусребрени-полубронзени. На овој начин и двајцата имале и сребрен и бронзен медал.

Денес медалите се познати како „Медали на пријателството“ и претставуваат симбол и потсетник за длабоките врски што се формираат за време на Олимписките игри. Приказната е уште поневеројатна затоа што Олимпијадата во Берлин во 1936 година била организирана под владеење на Хитлер, во прилично напната атмосфера. Сепак, овие игри биле првите што се емитувале на телевизија, па дури и биле снимени.

1
Фото: Reddit

Каде се медалите сега? За жал, Суео Ое починал пет години подоцна, во војната, откако ѝ се приклучил на Царската јапонска армија. Неговиот медал е во приватна сопственост, но, за среќа, медалот на Нишида е изложен на Универзитетот „Васеда“. Иако Нишида почина во 1997 година, неговиот медал останува траен потсетник дека Олимписките игри се многу повеќе од победа или пораз.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот