X
 20.09.2021 Издвојуваме

Проф. Татјана Алексиќ: Учениците седат еден до друг, „протоколот“ е во касметот да не се заразат

Учебната година започна во услови на пандемија, учениците се вратија во клупите, но не требаше да помине многу време за коронавирусот да почне да се шири и помеѓу најмладите. За тоа како се одвиваат првите училишни денови, ја прашавме професорката по македонски јазик Татјана Алексиќ од гимназијата ,,Раде Јовковски-Корчагин“.

Доколку имавте задача да го оцените почетокот на новата учебна година од еден до 5, како ќе го оценевте?

- Доволен (2). Доволно да ја почнеме учебна година под стрес во ек на пандемија на новиот делта-сој, доволно заразен и опасен да не ги штеди и младите организми, патем невакцинирани, со доволно формален и, според мене лично, карикатурен протокол. Наставникот мери температура, која во тој момент инфицираниот може да ја нема, а тоа е доволно за да ја прошири заразата во текот на часовите кои траат по 45 минути, доволни да се натопи „N95“ заштитна маска. Во сета ,,доволност“ остануваат недоволна дистанца на учениците во училишните клупи и наставен материјал по одредени предмети.

Може ли да ни опишете како се одвиваат Вашите часови? Дали се чувствувате безбедни и заштитени од коронавирусот кога одите на работа?

- Се чувствувам вознемирено поради децата и нивната безбедност, јас ја поминав првата рунда со ковид-19, стекнав природен имунитет и ќе се имунизирам со „Синовак“. Учениците седат еден покрај друг, тука нема растојание по протокол и безбедна дистанца. Ние сите јасно гледаме дека ,,протоколот“ е во Божји раце, како и касметот да не се заразат. Дисциплинирани се на час, носат маски и слушаат како наставниците ,,мумлаат“ под маска. Интерактивност на часот нема и не очекувам, ниту ги форсирам, нека молчат и слушаат. Амбицијата за интерактивност на час под маски е болна амбиција. Првата ,,домашна задача“ што им ја зададов да ја туркаат до крај на учебната година е да се чуваат и да останат во добро здравје, како најголем приоритет за време на вируснава војна. Чувството за безбедност е привилегија на ретките со стекнат имунитет, било прележани, вакцинирани, заштитени со маски, визири, скафандери... Па сепак, од некаде - оооп се протнал вирусот без да се најави. Така што, во војнава единствено правило е дека нема правило или дека за секого има по едно правило, кое не важи и вториот пат ако се заразиш. Оние ,,занемарливи“ проценти за постковид-последиците многу ме здоболуваат кога се во прашање деца и млади луѓе, па нека е и ,,само“ изгубен мирис и вкус. Ние, наставниците, седиме на катедра крај отворен прозорец и врата, од провевот може само да се вкочаниме (иако некои не признаваат дека провев воопшто постои, исто колку што и коронавирус за некого не постои - некого убива, а некој не ја ни чувствува). Но, има колеги со сериозни хронични болести, алергии, астма, автоимуни заболувања, на кои наставата под маски навистина им го загрозува здравјето. И во добро здравје не е добро да дишеш и да зборуваш со часови под маска! Нашата работа е да предаваме, ние зборуваме 45 минути по седум часа дневно, а под маска е и непријатно и штетно за здравјето! За сите најубаво би било настава во природа, да го акумулираат децата природниот Де-витамин од драгоценото есенско сонце и да бидеме без маски, но, за жал, не секое училиште има такви можности... Има нешто тажно во лицата со маски, се чувствува брановито како далга, очи без радост, насмевки скриени како бисер во школка. Колку и да сакаме да ги насмееме и развеселиме учениците, бистриот ум не им дава да се насмеат од срце. Средношколците добро знаат што се случува...



Што велат учениците за наставата со физичко присуство? Дали тие се чувствуваат безбедни?

- Непријатно ми е да ги прашувам како се чувствуваат, да не ме сфатат погрешно, да не ми го забележат немирот, но би сакала да им е добро, штом доаѓаат, да не е присилно или ,,морално беше бе Пиги“. Добро ли им е? Добро е една оценка повеќе од доволно, во скалата од еден до 5, но не и одлично, како што треба да бидат на почетокот на учебната година. Мал процент од учениците се изјасниле да следат онлајн настава, така што на часот се вклучуваме онлајн за учениците што следат настава од дома или за изолираните класови. Проблемот со логирањето преку „Тимс“ овие денови го ,,решаваме“ со вклучување преку „Вибер“. Веќе јавно се изјаснив дека не ни е добар планот со физичко присуство кога секојдневно имаме двоцифрени бројки за смртност и сѐ почесто помлади луѓе, па и деца, а што се однесува до статистиката и оние статични 0,02 %, мислам дека е ,,бикини“ статистика и сѐ повеќе ми звучат како оние 102 %. Да се надеваме дека ќе имаме среќа децата да ни останат во добро здравје, оти друго немаме.

Што научивме досега од пандемијата во образованието и од образованието во пандемијата? Дали научивме нешто од сопствените грешки?

- Прележав ковид-19, не се заразив ни во школо ни во автобус, како што очекував, туку во кола од најдобрата другарка, и благодарна сум ѝ затоа што стекнав природен имунитет кој ме одржа сега кога се разболи син ми, со неспоредливо полоша клиничка слика од мојата, без оглед што е млад и здрав (без коморбидитети и вишок килограми, како што навикнавме папагалски да повторуваме кога некој млад човек ќе го изгуби животот). За среќа, преживеа и обајцата научивме дека она што нема да те убие, ќе те направи посилен. Секоја прележана болест физички го слабее организмот, но ментално те јакне - немаш веќе право на депресија и анксиозност. Истото се обидувам да им го пренесам и на учениците, оние што минатата година нѐ следеа онлајн од дома и овие сега што најдисциплинирано прифатија да доаѓаат во училиште, дека треба добро да си го организираат времето, што не е лесно кога нештата се изместени, но ете втурнати сме во пандемија која не стивнува.

Заслужуваат ли децата поинакво образование?

- Секако! Не еднаш сум кажала дека ние, возрасните, ги демотивиравме за здраво учење, а ги мотивиравме да се иселуваат, со лошите образовни политики со децении наназад. Кога ќе се прекине со „врскаџиски“ оценки и уписи, сѐ ќе си дојде на место. Приемни испити за средно и високо образование, реанимација на девитализираните стручни училишта кои беа јадро за здрава и неопходна работна рака на пазарот на трудот, намален број на ученици во паралелки, учители кои неприкосновено си ја сакаат работата и современо опремени училници со можност за ИКТ во наставата. Толку.

Минатата година со Вашите зборови успеавте да направите матурантите да си заминат со насмевки, иако нема прослава. Како ги насочувате учениците денес, за да не им се враќаат нозете кога одат кон школо?

- Се обидувам да ги орасположам, ама не ми оди и хуморот ми се расипа, од очи ми читаат. Бизарна е нужноста од настава во училница во вакви (не)услови, во име на социјализацијата и дружењето. Да, збудалевме сите седејќи дома пред компјутери и кога немаше потреба. Ама сега да ги силуваме децата да седат ко зомбиња под маски не е ни социјализација, ни дружење, ни нормално образование. Оставете ги онлајн овие два-три месеци, тие што учат - учат и кога се вклучени онлајн. Многу гении низ историјата биле самоуки и слаби ученици, па што?!

Настава со физичко присуство или онлајн, кој е точниот одговор?

- Јас имам аверзија кон компјутерите, не ги сакам, ги истуркаа книгите од полиците во ученичките соби, ги оттргнаа децата од ортографија, им ја уништија говорната моќ, реторичките способности. Ама во вакви услови се оправдано нужни! Нема да трае пандемијава со години, се наsира крајот, но не смееме да дозволиме услови за инфекција на ниту еден единствен ученик.
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме