„Ве молиме не правете да се иселиме од овде“, „Стоп за неквалитетно онлајн-образование“, „Владата онлајн, учениците офлајн“, „Наставникот го напушти четот“. Ова се само дел од транспарентите со кои денеска стотина средношколци го искажаа своето незадоволство од одлуката да следат настава онлајн во претстојната учебна година. Тие извикуваа: „Не за онлајн настава“, „Сакаме да учиме“ и „Сакаме офлајн“.
Протестот, кој се одржа пред Министерството за образование и наука, како и пред Владата, го организира Средношколскиот сојуз.
Учениците бараат да се започне со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините кои немаат многу заразени со Ковид-19. На протестот покрај средношколци присуствуваа и родители и наставници кои се против онлајн-настава од 1 октомври.
Министерката Мила Царовска денеска се состанала со претставници на средношколците, како и со претставници на родители кои бараат настава со физичко присуство во училниците. Нема конкретен договор меѓу претставниците на Сојузот и МОН и било заклучено дека ќе продолжи дијалогот за да се најде најдоброто решение.
Царовска повторила дека Владата нуди комбиниран модел секаде каде што се усвоени условите од протоколите и дека наставата ќе започне со физичко присуство независно од одделението и возраста на децата. Таа повторила дека во објектите што не се во можност да ги исполнат протоколите кои се веќе усвоени, учебната година ќе започне онлајн и дека во овие училишта ќе треба да одат децата од прво до трето одделение, но дека и нивните родители имаат право да изберат дали ќе го пуштат детето на училиште.
Фото: Борче Поповски