X
 20.10.2022 Наша тема

Се формира Совет за унапредување на образованието, а никој од неговите членови не е експерт во тоа поле, вели Артан Лимани, доктор по образовни науки

По донесувањето на одлуката на Владата за формирање Совет за унапредување на образованието и науката, останаа низа непознати, а дел од стручњаците за образование кај нас се скептици околу неговото функционирање. Сѐ уште не е јасно што точно ќе работи овој совет, потоа, освен именуваните владини претставници, кој сѐ ќе членува во него и која е иницијалната каписла за негово формирање. 

Засега е познато дека со работата на Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во составот ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.


- Членовите на Советот што ќе ги претставуваат државните институции ќе бидат ангажирани без каков било дополнителен надомест, а основната идеологија по која ќе се водат е задоволување на најдобрите интереси на учениците, наставниците, професорите и научноистражувачките работници - велат од Министерството за образование и наука.

Според Артан Лимани, доктор по образовни науки кој работи како консултант на меѓународни универзитети, вакви совети нема никаде. Тој смета дека образованието што е централно поставено не може да се оправи. Тоа треба да се децентрализира. Секое школо треба да има квалитетни директори кои ќе го познаваат образованието од сржта и ќе можат да прават дневни програми.

- Најголем збор треба да имаат експертите. Ние имаме многу малку експерти за образование. Исто така, имаме многу малку граѓански организации кои се занимаваат со оваа експертиза. Експертите можат да се најдат преку невладините организации, а ние немаме такви организации за образование. Не може ова да се прави централно. Тоа е политички.  Ние имаме Совет за унапредување на образованието, а никој од неговите членови не студирал развој на образование како студиска програма - вели Лимани.

Артан Лимани, доктор на образовни науки

Лимани додава дека треба да се работи на подигнување на капацитетите, со цел училиштата и универзитетите да добијат што е можно поголема автономија и не треба да се чека од Владата. Владата треба само да има добри правни услови.  

- Тоа што сега ќе се формира Советот, ни кажува дека досега ништо не е направено во образованието. Кога политичарите одлучуваат да направат нешто вакво, според мене, секогаш е од нечија корист. Треба да се работи на автономија. Потребни се што повеќе стручњаци и треба да се слушаат граѓаните преку граѓанските организации. Финска, на пример, има 15,5 милиони членства во организации, иако има 3 пати помалку жители. Значи, еден човек членува во повеќе организации - додава Лимани.

Според него, овој Совет може и треба да почне иницијативи за градење нови училишта, дигитализирање на постојните, монтирање соларни панели на сите образовни институции и да се овозможи финансиска независност на установите.

- Во Педагошката академија треба да се отвори центар за сертифицирање за наставниците. Новите наставници, ако сакаат да влезат во образованието, мора да полагаат за сертификат и тоа да се направи по финскиот модел. Но и постојните наставници треба да се ресертифицираат. Овој совет може да го направи тоа. Зборуваме за основно и за средно образование. Од системска гледна точка Советот може да го направи тоа, ама мора да има стручњаци внатре - додава Лимани.

Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ја поздравува одлуката за формирање Совет и се надева дека тоа ќе даде резултати. Според него, Универзитетот прави напори за самофинансирање во рамките на своите можности, но добредојдена е секоја помош, па се надева дека преку Советот ќе имаат можности за унапредување и на финансирањето на дејноста.  

- Се надевам дека поголем акцент ќе се стави на усогласување на потребите со пазарот на трудот, како и на активностите поврзани со изнаоѓање решенија на задржување на нашите најдобри кадри. Советот треба да даде поддршка и за подобрувањето на меѓународната репутација на Универзитетот и неговото рангирање на листите со еминентни универзитети - изјавува Јанкуловски.

Тој смета дека една од примарните цели на Советот треба да биде унапредувањето на квалитетот во сите образовни институции во земјава, контрола и предлози за нивното беспрекорно функционирање, односно осврнување на проблемите што тие ги имаат и поддршка за нивно решавање.

- Во Советот треба да учествуваат сите оние актери што директно или индиректно се поврзани со образованието и науката. Но еве, бидејќи јас го споменав пазарот на трудот, сметам дека треба да учествуваат и експерти од бизнис-заедницата. Акцентот може да се стави на кариерните центри, односно формирање центар кој би учествувал како директна поддршка на ова ново тело. Но, се разбира, првенствено е важно учеството на сите тела што се веќе споменати, како Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуција на високото образование, студентските собранија, кои би имале главна улога во давање свои анализи и предлози за подобро функционирање на високото образование - вели Јанкуловски.

Фото: приватна архива
 
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема