Реформи во основното и во средното образование преку спроведување нови законски решенија, како и примена на новите наставни програми, најави новиот министер за образование и наука Арбер Адеми при преземањето на функцијата. Тој дојде на местото на Рената Дескоска, чиј заменик беше. Ѝ посака голем успех на позицијата министерка за правда.
- Заедно, партнерски се справувавме со сите предизвици, заедно успеавме да реализираме многубројни активности и по мое лично убедување, мислам дека покажавме ажурност, истрајност и искрена заложба за подобрување на состојбите во националниот образовен систем - нагласи Адеми за досегашната соработка со Дескоска.
Адеми наведе дека се работи на изработка на учебници со подобрена содржина, поголема промоција на средното стручно образование, како и воведување на концептот на дуално образование и поттикнување на креативноста на наставниците и на учениците.
Новиот министер информира дека во согласност со генералните одредби на Владата, МОН ќе се потруди да издвои поголеми средства за нови можности и развој во областа на науката.
- Министерството стои на располагање за соработка со сите засегнати страни, со сите оние што имаат добри предлози со цел да се подобри состојбата, наведе Адеми.