X
 20.11.2023 Живот

ФФМ: Навивачите да дојдат на стадион еден и пол час пред натпреварот, пеш или со јавен превоз

Фудбалската федерација на Македонија попладнево преку соопштение се обрати до навивачите кои ќе бидат присутни на натпреварот со Англија.

- Националната арена „Тодор Проески“ ќе биде отворена за навивачите од 18:45 часот, а поради зголемените безбедносни мерки што ќе бидат преземени за да се спречи внесување на забранети предмети и средства на стадионот, ги повикуваме навивачите да дојдат на стадионот што е можно порано (препорака еден и пол час пред почетокот на натпреварот) и да седнат на своите места на стадионот. Влезовите на Националната арена „Тодор Проески“ ќе бидат отворени од 18:45 часот, а влезот ќе биде овозможен до 20:15 часот - стои во апелот на ФФМ.

Се посочува да се дојде на стадион пеш или со јавен превоз бидејќи сообраќајот и паркирањето ќе бидат забранети на паркинг-местата во потесната зона на Националната арена „Тодор Проески“ поради ограничениот број паркинг-места, освен за акредитирани возила.

Од ФФМ повикуваат на фер и коректно навивање.

- Ги замолуваме навивачите да ги почитуваат одредбите од Законот за спортски натпревари и Законот за јавен ред и мир, особено оние што се однесуваат на несоодветно скандирање, консумирање алкохол и употреба на пиротехнички средства. Чадори, големи торби или ранци, шишиња, запалки, монети и други предмети не смеат да се внесуваат на стадионот. Исто така, нема да може да се внесуваат знамиња или транспаренти со несоодветна содржина. Ги повикуваме сите навивачи и посетители на фер, коректно и спортско навивање без расистички и дискриминаторски скандирања пред, за време и по натпреварот. Воедно, ја користиме можноста да укажеме дека полицијата, согласно Законот, ќе врши видео и фотоснимање на тесната зона и самиот простор на стадионот - истакнуваат од ФФМ.

Почетокот на натпреварот е закажан за 20:45 часот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот