X
 20.11.2024 Технологија

„Гугл“ ќе мора да ги продаде „Хром“ и „Андроид“?

Најголемиот антимонополски случај во последните децении може да резултира со корпоративна поделба, што ќе го промени пејзажот на веб-прелистувачот и мобилниот софтвер. Иако постапката е далеку од завршена, извештаите покажуваат дека официјалните лица сакаат силна акција против „Гугл“.

Извори запознаени со „Блумберг“ открија дека американското министерство за правда ќе побара од судијата да го принуди „Гугл“ да го продаде прелистувачот „Хром“ и да го оддели мобилниот оперативен систем „Андроид“ од софтверските пакети на уредот. „Гугл“, технолошкиот гигант за пребарување и рекламирање, планира да се бори против можната одлука додека се приближуваат сослушувањата за мерките од 2025 година.

По долго судење, американски судија во август пресуди дека „Гугл“ незаконски го монополизирал пазарот на пребарувачите користејќи ја својата доминантна позиција и плаќајќи им на други технолошки компании милијарди долари за да го направат „Гугл“ стандарден пребарувач на многу уреди. Плаќањата на компаниите како „Епл“, „Самсунг“ и „Мозила“, кои изнесуваат повеќе од 20 милијарди долари годишно, ги истиснаа помалите конкуренти како „Дакдакгоу“ и „Бинг“.

Случајот има голема сличност со пресудата на министерството за правда против доминацијата на „Мајкрософт“ на пазарот на веб-прелистувачи во доцните 90-ти години. Иако министерството тогаш не го одвои „Мајкрософт“, извори запознаени со овогодишниот случај тврдат дека „нуклеарната опција“ може да се искористи против „Гугл“.

Антимонополските власти, исто така, размислуваа за продажба на „Андроид“, но наместо тоа, ќе препорачаат поделба на пакетот софтвер за мобилни телефони, кој ги вклучува „Андроид“, „Гугл“ и „Гугл плејстор“. Како што се очекуваше, „Гугл“ има намера да поднесе жалба на пресудата од август, тврдејќи дека одвојувањето ќе им наштети на потрошувачите и на програмерите.

Острите мерки против „Гугл“ би можеле длабоко да го променат технолошкиот свет и неговиот бизнис-модел на приходи. Компанијата контролира 80 отсто од пазарот на пребарувачи, кој на својот рекламен бизнис му обезбедува многу повеќе кориснички податоци од кој било конкурент. Според „Стат каунтер“, прелистувачот „Гугл Хром“ е убедливо најпопуларен, со приближно 60 проценти удел на пазарот. Заедно, пребарувачот и прелистувачот му овозможуваат на „Гугл“ да ги следи навиките на корисниците на интернет.

Пронаоѓањето купувач за „Хром“ може да биде предизвик. Неколку технолошки компании кои би можеле да си го дозволат прелистувачот веќе се соочуваат со регулаторни истраги.

Покрај тоа, „Гугл“ би можел да биде принуден да обезбеди дополнителна заштита за веб-локациите против собирање податоци со вештачка интелигенција и да продава податоци од пребарувачот без ограничувања. Обезбедувањето пристап до овие податоци може да им помогне на помалите компании побрзо да растат.

Извор: bajtbox.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија