X
 20.12.2017 Култура

Најдобрите воспитни мерки за сите возрасти

За секоја возраст постојат едноставни воспитни мерки кои ќе ви помогнат во што пократок рок и со најмалку последици да испливате од овие фази.

Сите сме виделе двегодишни деца како се трескаат затоа што нешто не им е по ќеф, тригодиши како плачат за слатките во слаткарница, но и седумгодишни деца кои протестираат против наметнувањето одлука од страна на родителите. Но, и сите ние сме го доживеале истото кога нашето дете се однесувало токму вака, без да знаеме дека е нормално децата да поминуваат низ различни фази кога нè тестираат како родители, па затоа треба да ги знаеме едноставните воспитни мерки кои помагаат за излегување од овие фази на децата.

Пред сè, важно е да се знаат основните правила кои помагаат да излезете накрај со вашето дете во различни ситуации:

1.    Семејството значи – сите сме заедно во ова


Едноставно е научете дека да сте член на едно семејство значи да ги споделувате сите убави и лоши моменти. Сите заедно работиме, сите ги завршуваме своите обврски, сите заедно зборуваме за проблемите и се обидуваме да ги решиме.

2.    Почитувањето мора да биде заемно

Почитувајте го своето дете. Ако тоа сака да ви каже нешто, прекинете ја вашата работа за момент и сослушајте го. Ако сака да ви помогне, дозволете му. Врз истата основа и тоа ќе биде подготвено да ве сослуша и да ви помогне кога ќе го побарате тоа од него.

3.    Бидете доследни


Не само што на детето ќе му биде полесно да се снајде во системот на воспитување ако не ги менувате правилата секој час, туку и ќе му помогнете да израсне во емотивно стабилна личност со јасно дефинирани желби и цели.

4.    Тоа не е фер

Навистина, животот не секогаш е фер. И тоа треба да му биде јасно на вашето дете. Во спротивно, тоа нема да може да ги поднесе ударите што ги носи животот, нема да знае како да се заземе за себе, ниту да се снајде во неповолна ситуација.

Како да се дисциплинираат бебињата и децата до две години

Пред сè, би требало да знаете дека мерките што ви ги предлагаме нема секогаш да се целосно делотворни, па затоа што мора да се земе предвид и нашата индивидуалност; секое дете и секој родител се личности за себе.

Воспитен систем: чиста љубов


Овој систем е најделотворен на возраст до првата година од животот, но може да даде резултат подоцна. Основната идеја е: преплавете го вашето дете со љубов и со сопствен пример покажете му како се станува добра и воспитана личност.

Воспитен систем: замена

Ова е одлична метода за деца помлади од 6 месеци до 18 години. Се темели врз фактот дека децата на оваа возраст не ги прават работите затоа што се никакви, туку затоа што светот за нив е мистерија која допрва треба да ја откријат. Кога ќе ја фрлат храната на подот или кога ќе чепкаат на опасни места, тие се обидуваат да ја откријат реалноста. Се разбира, нема да дозволите да го истражуваат светот правејќи штети, но не мора да користите казни. Доволно е да му обрнете внимание и да го насочите кон активност што е слична, но е безопасна.

Воспитен систем: лошото и доброто одат заедно


Овој систем е одличен за деца меѓу првата и втората година од животот. Времето за детето настапува во оној момент кога ќе сфатите дека вашето дете не го истражува светот, туку вашите нерви, и дека прави неред само за да ве изнервира. Тоа обично се случува околу 15-месечна возраст. Основната идеја на системот е да му дозволите на детето да го прави она што смета дека е забавно и добро, но притоа да го принудите да ги почувствува последиците од своите постапки. Затоа што и во животот убавото и лошото одат заедно.

Воспитен систем: пофалба


Овој систем може да се применува по дванаесеттиот месец. Основната идеја е дека родителот ќе покажува радост кога ќе забележи позитивна активност од детето, наместо постојано да го опоменува дека направило нешто лошо. Обично на родителите им треба малку време да се приспособат на новиот систем, но во повеќето случаи тој е вонредно делотворен. Обидете се, нема што да изгубите.

Воспитен систем: блокатор на нападите на гнев

Тантрумите (изливи на гнев) често се случуваат кај деца од 12 до 24 месеци. Познати се сцените кога детето одбива соработка, вреска, ги фрла играчките. Во ваков случај најпрво треба да проверите дали детето може да се смири со најобичен родителски допир, затоа што тантрумите обично поминуваат со тоа.

Воспитен систем: зборувајте „бебешки

Не треба да пелтечите, туку она што го зборувате приспособете го на начинот на кој детето го восприема светот, за да може да ја прими пораката.

Како да се воспитува дете од 2 до 5 години?


Воспитен систем:  ми треба помош


Овој систем е идеален за деца од една до осумгодишна возраст. Децата сакаат да помагаат и да почувствуваат дека возрасните имаат потреба од нив. Тоа прави да се чувствуваат важни. Затоа, искористете ја оваа нивна карактеристика: во секоја пригода, кога е можно, барајте нивна помош за некоја работа.

Воспитен систем: тајмаут


Ова е одличен систем за деца од две до четири години. Тајмаут е една од најделотворните дисциплински мерки, но многумина ја оспоруваат. Ја доживуваат како остра и премногу користена. Тајмаут значи дека детето што направило грешка ќе го казните испраќајќи го во друга просторија или во изолиран дел од куќата на онолку минути колку што има години.

Факт е дека тајмаутот, особено ако е продолжен на пет минути и повеќе, може да доведе до контраефект: напад на гнев или анксиозност кај детето. Затоа треба да внимавате тајмаутот да го применувате како кратка издишка која и вам и на детето ќе ви обезбеди враќање на контролата, не подолго од две минути.

Воспитен систем: одземање на наградата

Ова е одлична метода за деца од 3 до 8 години. Сите знаеме дека наградата се добива за добро дело. А што следува за лошото? Не казнување, туку одземање на наградата.

Како се воспитува дете од 5 до 8 години?

Воспитен систем: почувствувај ги последиците

Сите родители сакаат нивните деца да прават добри избори: домашната задача да е готова пред играњето, да не фрлаат топка низ домот, туку надвор... А што да правиме ако тие едноставно не го прават тоа?

На оваа возраст детето е способно да ги сфати последиците на своите активности, затоа и самото може да осмисли решенија за проблемите. Ако не ја завршило домашната задача навреме, понудете му да стане порано, пред училиште, за да го надомести изгубеното време. И потрудете се тоа навистина да го направи. Следниот пат – самото ќе го избере полесниот пат – ќе ги заврши обврските пред да почне со играње.

Воспитен метод: повлечи го кажаното

Колку пати и самите сте посакале да го повлечете кажаното? Дајте му на вашето учениче можност да го направи тоа кога ќе ја „оплеска“ работата. Кога ќе ви рече нешто лошо или без почит, едноставно побарајте да го повтори тоа. И самото ќе разбере дека добива шанса да се извлече од непријатната ситуација.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура