X
 25.01.2023 Живот

Со кредит до ТВ: Како живеело просечно југословенско семејство во 1982 година?

Во соработка со „Југопапир“, хрватската веб-страница „Индекс.хр“ пренесува текст од 1982 година кој опишува како изгледал животот на едно просечно југословенско семејство.

Февруари 1982 година: Семејството Димитријевиќ од Крагуевац: 30-годишната Стојана, 33-годишниот Славољуб, 11-годишниот Иван и 6-годишната Ана ги евидентираат приходите и сѐ што трошат. Ова е важно за експертите на Заводот за статистика. И за сите нас...

Сѐ што има ова семејство заработува од фабриката „Црвена застава“. Стојана има 13, а Славољуб 12 години стаж. Таму се запознале и се вљубиле.

Во декември минатата година Славољуб добил 12.200 динари. Натпросечна заработка за него бидејќи работел многу прекувремени саати. Истиот месец Стојана, како и секогаш, дома донела 9.650 динари. Заедно, на 15 јануари 1982 година добиле 21.850 динари, што е за две-три илјади повеќе од нивниот просек за претходната година. Всушност, тие суми биле напишани на пликовите, а на рака добивале значително помалку.

Долгорочните кредити (на 15 години) се за стан, а краткорочните за телевизор во боја, фрижидер, електричен шпорет и машки костум. Кога сето тоа ќе се собере, изнесува 3.957 динари месечно. Благајникот од „Црвена застава“ од пликот на Димитријевиќ зел уште 964 динари за членарина за синдикатот, самопридонес на градот за вода и еден отсто за Црна Гора (помош за настраданите од земјотресот), па Стојана и Славољуб дома однеле 16.920 динари.

Кредит


Со кредит од 200.000 динари и 3 отсто камата за 15 години, во 1977 година ја реновирале и донекаде ја доградиле трошната куќа на старата фамилија, па така се одделиле од родителите на Славољуб. Сега, баба Бранка и дедо Радомир им се први соседи, но како што ќе се види подоцна во приказната, тие се важни за семејниот стандард на синот и снаата.

Со истиот кредит во целиот дом е поставено подно греење и бојлер на јаглен. Делот каде што живее семејството е всушност двособен стан од 64 квадрати. Во куќата сите електрични апарати: фрижидер, шпорет, замрзнувач, правосмукалка, миксер, машина за перење... Сите апарати се од домашно производство, што сведочи за патриотизмот на Димитријевиќ, но и се докажува потеклото на имотот: купен е најмногу на кредит.

- Имаме и автомобил, но немаме положено возачки испит, ниту тој ниту јас. Една година автомобилот седи во гаражата. Автошколите се скапи, па лекарски уверенија, па плаќање за секое полагање - вели Стојана.

- Каков автомобил. Не е автомобил, туку „пегла“. Полски „фиат 126“. Освен тоа, подарок е од дедо - вели синот Иван.

- Така и поставивме парно во домот. Свекор ми го плати и ни го купи автомобилот - вели Стојана.

Стомакот е првата грижа

Најголема ставка во семејниот буџет е храната.

- Во јануари има многу празници, а имавме и роденден, што значи дека треба да се купи подарок, а во исто време има и сезонски распродажби на кои не можете да одолеете - вели Стојана.

Дневникот за семејниот буџет е пополнет од 3 јануари. Последниот напишан датум е 26 јануари. Во 24 дена семејството потрошило вкупно 14.543 динари. Груба пресметка: храна - 7.917 динари, цигари - 769 динари, средства за хигиена - 443 динари, облека и текстил - 3.135 динари, 1.240 динари отишле за културни потреби, 50 динари за роденденски подарок, уплата на лото - 144 динари, вода - 180 динари.

Сметката за струја не е напишана. Се плаќа на последниот ден од месецот.

Кога ќе се разложи храната што ја купиле, најмногу пари биле потрошени во месарница: 3.206 динари. Едното дете сака колбаси, другото паштети и џигер. Биле купени чајна, свинска маст и пет килограми сланина.

- Имам замрзнувач каде што најмногу чувам замрзнат зеленчук и овошје и неколку килограми шницла. Имам и зимница и кисели краставички, благодарение на свекрва ми - вели Стојана.

- Не штедиме на храна. Јас се обидувам да сум на диета, но слаб карактер сум - додава таа.

За хигиена се потрошени 443 динари, а набавени се три килограми детергент, три сапуни, две пасти за заби, 11 пакетчиња тоалетна хартија, 4 шампони и лак за коса.

Телевизијата - единствената култура во домот


Семејството за културни цели дало 1.240 динари, а во кино во јануари годинава отишле само еднаш. Но, затоа се потрошиле 1.040 динари за новата ТВ-антена, па самите велат дека телевизијата им е најголема, ако не и единствена „култура“ во домот. Ретко купуваат дневни весници.

Вратата се отвора, па влегува мајката на Славољуб, Бранка.

- Ова е нашата лотарија. Да не ги чуваше нашите деца, не знам каде ќе најдевме пари за дневен престој - вели Стојана.

Бабата се насмевнува. Дедото му купил фудбалска топка од вистинска кожа на Иван, а на Ана голема кукла.

- За Нова година Иван доби и скии „елан“, какви што имаат Стенмарк и Крижај - се фали Славољуб.

Кога по пописот на населението во март минатата година компјутерот ги исфрли податоците за семејството Димитријевиќ како еден од кандидатите со кои треба да се занимава статистиката, интервјуерот Воислав Брајовиќ од Институтот за статистика во Крагуевац веднаш се обидел да утврди дали домаќинството на родителите на Славољуб било строго разделено. Научно е докажано дека парите (дедовата инвалидска пензија е 8.000 динари) не се мешаат и не се слеваат во стандардот на помладите Димитријевиќ. Но научните докази се едно, животот е друго.

- Соседите си помагаат, а не пак родителите на своите деца. Јас бев прва за тие да бидат независни. Кога младите се сами, поубаво им е, подобро се согласуваат. Ние, старите, помагаме колку што можеме. Понекогаш тоа е подарок за децата, плетам џемпери и се грижам за малата Ана - вели бабата.

До 1 февруари има уште 5 дена, а според пресметката, уште 2.385 динари во домашниот буџет. Дали семејството ќе издржи?

- Имаме штедна книшка. Додуша, позајмуваме и од роднини и пријатели, но ретко.

На штедната книшка се собираат пари за годишен одмор. Минатото лето четворицата беа 12 дена во Сутоморе. Потрошиле 13.600 динари - толку пријавиле во Заводот за статистика, вклучувајќи го и превозот.

Дали оваа година ќе одат на одмор? Велат можеби, но летото е далеку.

Автор: Стеван Зец
Извор: Index.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот