X
 14.11.2022 Наука

Во Австралија е откриен нов вид пчела со „муцка“ како на куче

Секој научник сонува да именува нов вид, а д-р Кит Прендергаст од Факултетот за молекуларни и животни науки „Кертин“ во Перт, Австралија, неодамна ја доби таа шанса.

Таа ги истражувала домашните видови пчели во ботаничката градина Кингс парк во Перт кога наишла на необична пчела со посебна муцка.

Изненадена од она што го видела, д-р Прендергаст почнала да пребарува фотографии од домородни пчели и да гледа примероци во различни музејски збирки. На нејзино изненадување, таа не можела да најде многу. Всушност, таксономистите од Западниот австралиски музеј во Перт ѝ рекле дека веројатно станува збор за нов вид.

На крајот, д-р Прендергаст успеала да пронајде неколку примероци од пчелата во ентомолошката колекција на музејот од 70-тите години, но тие никогаш не биле научно опишани. Тоа не е сосема невообичаено бидејќи таа проценува дека се идентификувани помалку од половина од домашните видови пчели во Австралија.

Во новата статија објавена во „Журнал оф хименоптера рисрч“, д-р Прендергаст ги открива нејзините целосни наоди за пчелата. Ова го вклучува и името на видот. Како што е вообичаено, научникот кој ќе најде нов вид може да го именува. Во овој случај д-р Прендергаст се одлучила за името „Leioproctus zephyr“.

1
Фото: K. S. Prendergast

- Не само што овој вид е раздразлив, туку тој има и клипеус што личи на муцка. Затоа ги именував по моето куче Зефир - вели таа.

Бидејќи пчелите немаат нос, испупчувањето на лицето на Leioproctus zephyr нема никаква врска со мирисот. Наместо тоа, д-р Прендергаст сугерира дека овој испупчен дел од клипеусот ѝ помага на пчелата да бара многу специфичен тип на домашен цвет на грашок.

- Овие растенија имаат структура на цвеќе каде што ливчињата се како кобилица од брод, а во него има нектар и полен, и треба да се отвори за да се пристапи до поленот. Изгледа дека оваа муцка во средината на лицето се користи за туркање во овој дел од цвеќето за да може лесно да пристапи до нектарот - објаснува таа.

Откривањето на оваа необична автохтона пчела и нејзиното ограничено живеалиште ја покажуваат важноста од садење домородни цвеќиња и одржување остатоци од грмушки дури и во урбаните простори. Бидејќи се вложуваат малку инвестиции за следење на популацијата на домашните пчели, тешко е да се каже кога се намалува популацијата. Значи, засега, фаворизирањето на домородните цвеќиња пред егзотичните цвеќиња може да им даде шанса на овие пчели да се борат за опстанок.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: K. S. Prendergast
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука