X
 20.12.2019 Живот

Научниците сметале дека оваа личност била првата лекарка во историјата. Сега е откриена вистината

Раскажани се многу легенди за оваа античка лекарка. Интернетот и весниците се полни со текстови за Мерит Птах, таа се појавува во многу книги, дури и во компјутерски игри. Спротивно на тоа, Јакуб Квиецински, историчар по медицина и професор на Универзитетот во Колорадо, тврди дека таа всушност никогаш не постоела.

Квиецински посветил време на потрага по релевантни информации за неа. Првото сведочење го пронашол во книга објавена во 1983 година, во која се зборувало за улогата на жените во медицината низ светот, од авторката Кејт Кемпбел Хард-Мед.


Хард-Мед во своето дело вели дека докторката Мерит Птах живеела за време на петтата династија на египетското Старо Кралство, односно 2370 години пред новата ера. Била мајка на свештеник, кој бил погребан таму каде што почивале сите познати владетели на антички Египет - во Долината на кралевите.

- Во гробницата на свештеникот имало слики, па научниците ја препознале мајката на овој човек како древна исцелителка. Освен тоа, името на Мерит Птах не се споменува во документи зачувани од антички Египет и не се наоѓа на списокот со антички исцелители - објаснува Квиецински.

Во книгата на Хард-Мед, таа споменува антички лекар кој живеел за време на петтата династија. Сепак, од контекстот се заклучува дека станува збор за жена по име Песешет. Постојат докази дека таа во тој период се занимавала со медицинска професија.


Приказната за Песешет се појавила кога биле пронајдени останките на нејзиниот син Акхетхетеп, кој бил познат гласник во кралството. Живеел околу 2400 година пред нашата ера. Гробницата била пронајдена во Гиза, а зад скриените врати се наоѓале телата на неговиот татко и мајка, кои всушност биле исцелители.

- Хард-Мед веројатно била збунета поради сличностите на овие семејства, па затоа медицинската професија ѝ ја припишала на погрешна жена - објаснува Квиецински. Поради тоа, нејзината грешка подоцна прераснала во најпознатиот мит за лекарка од стариот Египет.

Легендата за Мерит Птах покажува како едно погрешно толкување на античките списи и археолошкото наследство може да се претвори во голема историска лага. Сепак, нивната важност не е мала бидејќи тие претставуваат важен пример за жените и нивниот напредок во општествената скала.

- Иако Мерит Птах не е автентична лекарка од антички Египет, таа е симбол на феминистичката борба и пример за многу дами што сакале да се занимаваат со оваа професија - објаснува Квиецински.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот