Со оглед на тоа што живееме во дигитална ера, се чини дека печатените книги и весници некако помалку се читаат. Денес сѐ ни е достапно на нашите екрани, па за многумина нема смисла да купуваат нешто во физичко издание, доколку постои во дигитално. Се разбира, другата страна на медалот е тоа што печатените весници и книги даваат малку поинакво чувство, па некои луѓе сè уште го фаворизираат читањето.
Исто така, за некои тоа претставува бегство од секојдневното бомбардирање со содржини на порталите и социјалните мрежи на кои сме изложени, што често негативно ни влијае, а добро е понекогаш да се исклучуваме од екранот.
Еден од компромисите помеѓу дигиталниот и реалниот свет, барем кога станува збор за книгите, се читачите на е-книги како „Киндл“ на „Амазон“. Најчесто на нив не можете да сурфате на класичен начин, па нема одвлекување на вниманието при читање, а направени се од посебен тип екран (e-инк) кој не ги заморува очите.
Андреј Карпати, еден од основачите на „Опен АИ“ смета дека ваквото читачко искуство може дополнително да се подобри благодарение на вештачката интелигенција. Во една негова твитер-објава тој напиша дека би било добро да има апликација за вештачка интелигенција што ќе може да чита книги заедно со луѓето.
Иако звучи прилично необично, тој објаснува дека таквата апликација би можела да следи што читаат луѓето и веднаш да одговори на нивните прашања за таа содржина, па дури и да води дискусии за неа. На пример, можеме да замислиме дека читаме историска книга и дека сакаме да дознаеме повеќе за одреден детаљ споменат во неа. Наместо да го активираме телефонот и да гугламе, одговорите би ни биле достапни директно од читачот на е-книги со вештачка интелигенција.
Карпати смета дека доколку „Амазон“ или некој друг направи нешто такво, тоа би било голем хит. И се чини дека „Амазон“ има слични планови. Имено, компанијата објави позиција за научник кој ќе го предводи тимот одговорен за подобрување на искуството на содржината на книгите и за напредокот на вештачката интелигенција кој би го подобрил читачкото искуство за корисниците на „Киндл“. Покрај читањето, ова лице ќе биде одговорно и за користење на технологијата во процесот на издавање и дистрибуција.
Значи, постојат три чекори во кои технологијата и вештачката интелигенција би можеле да го подобрат целокупното искуство на користење на „Киндл“, и за читателите и за писателите.
Првиот чекор се однесува на издаваштвото, односно создавањето и објавувањето на самите книги, вториот се однесува на претходно споменатото читателско искуство во кое вештачката интелигенција ќе помогне да се развијат нови опции кои треба да резултираат со подобар ангажман на читателот, додека третиот се однесува на подобрување на продажбата и раст на бизнисот.
Со оглед на тоа што „Амазон“ штотуку објави конкурс за работа за шеф на тој тим, јасно е дека ќе помине одредено време додека овие промени и новитети засновани на вештачка интелигенција не се имплементираат во „Амазон“ и „Киндл“.
Сепак, колку и да звучат интересно ваквите нови работи, можеби треба да го оставиме искуството на читање книги недопрено од технологијата и да уживаме во содржината како во старите (добри) времиња.
Извор:
Business Insider
Фото: Freepik