X
 19.08.2019 Технологија

Најмоќната жена во „Фејсбук“

Уште откако беше унапредена во шеф на мобилната апликација на „Фејсбук“ во март, Фиџи Симо стана една од најмоќните жени во компанијата, одговорна за она со кое комуницираат на мобилен телефон 2,4 милијарди корисници на „Фејсбук“.

Симо се издвои од другите во „Фејсбук“ во текот на турбулентните времиња за компанијата со повеќе од 37.000 вработени низ 35 земји. На почетокот од 2017 година, додека Закерберг се извинуваше за ширењето на дезинформациите од страна на Русија на „Фејсбук“, во текот на претседателските избори во 2016 година, Симо беше унапредена од директор за управување со производи во потпретседател на видео, игри и монетизација. Во таа улога надгледуваше тим од 700 инженери и менаџери на производи, ги лансира „Фејсбук лајв“ и „Фејсбук вач“ и ги зголеми приходите со видеорекламирање.

Иако скандали продолжија да ја тресат компанијата - од скандалот со „Кембриџ аналитика“ до безбедносното нарушување што изложи десетици милиони лични информации на корисниците, како и загриженоста на јавноста во врска со планот „Фејсбук“ да почне со криптовалути и неодамнешните поплаки за условите за работа на модераторите на содржината - стабилноста на Симо во нејзината мисија да ги задоволи корисниците никогаш не попушти. Затоа и не беше изненадување потегот на Закерберг да ја стави да ја води апликацијата на „Фејсбук“ за мобилен телефон.

- Фиџи е неверојатен лидер. Од моментот кога се запознавме пред осум години, можев да видам дека таа е еден од ретките лидери што ја гледаат поголемата слика и влегуваат длабоко во деталите за да ја завршат работата - вели менторот на Симо, Сандберг.

Родена е и порасната во Јужна Франција, во семејство на рибари.

- Се сеќавам дека татко ми многу пати се обидуваше да ме однесе на риболов, но јас имав морска болест - вели таа. Таа била првиот член на семејството што завршил средно образование. Додека студирала на престижното бизнис-училиште „ХЕЦ Париз“, на 20-годишна возраст, таа стажирала како лобист за риболовна индустрија.

- На состаноците бев само јас, плус стари пензионирани рибари, така што веќе бев во средина во која доминираа мажите - вели таа.

Во „Фејсбук“, каде што 63 отсто од работната сила и поголемиот дел од лидерите на производство и инженерски извршни директори се мажи, Симо е динамичен лидер. Таа се вработила во „Фејсбук“ во 2011 година, по 4 години работа како менаџер за стратегија на „Ибеј“ во Европа и САД. Потоа Симо му се приклучила на одделот за рекламирање производи и рекламирање на „Фејсбук“, каде што поминала две години. Но, со секој изминат ден таа сфаќала дека повеќе се идентификува како творец отколку како лице за маркетинг. Така, во 2014 година станала директор за развој на производи, лансирајќи производи за рекламирање, како видеорекламите.

Еден од предизвиците на Симо е создавање производи што им помагаат на луѓето да се поврзат и предвидување начини на кои тие креации би можеле да бидат злоупотребени. На пример, еден од нејзините проекти, „Фејсбук лајв“, што им овозможува на корисниците стриминг во живо, се користи за емитување говор на омраза, па дури и прикажување насилство, како што беше масовното пукање во две џамии во Нов Зеланд.

- Навистина е тажно што некои луѓе го злоупотребуваат производот - вели таа и додава дека по настанот „Фејсбук“ додал заштитни мерки за да ги спречи луѓето да го користат „Фејсбук лајв“ ако во минатото ги кршеле стандардите на социјалната мрежа.

- Мнозинството корисници на „Фејсбук лајв“ го користат за добри работи - вели таа.

Во текот на нејзината работа во „Фејсбук“, се соочила и со лични предизвици - внатрешна борба со синдромот на измамници (синдром што го имаат успешните луѓе кои се способни, но не се подготвени да веруваат во своите способности и да го прифатат фактот дека го заслужиле тоа што го имаат).

- Мислам дека многу луѓе се борат со ова чувство. Пораснав во рибарско семејство; нема апсолутно никаква причина зошто да бидам тука и да ја водам апликацијата „Фејсбук“. За мене би било чудно ако го немам овој синдром - вели таа.

Таа признава дека понекогаш ги користела модата и шминката како одбрана, потпирајќи се на совршената шминка и облека за да има чувство дека вреди.

- Кога вашата доверба е поврзана со вашиот изглед, не е длабоко заснована - вели таа.

Но, бременоста ја променила. Поради компликациите од долгата борба со ендометриоза, Симо била принудена да ги помине последните пет месеци од бременоста в кревет. Така, морала да работи од дома, да разговара со својот тим преку видеоконференција, честопати без шминка и без фризура.

- Со тоа што си признав дека поминувам низ лош период, имав подобра можност да се поврзам со мојот тим - вели Симо.

Оттогаш таа пронашла начин да им се спротивстави на непријатните чувства што ги носел синдромот.

- Не дозволувам да ме блокираат. Се справувам така што чувствувам огромна благодарност. Кога ќе се разбудам наутро, наместо да си речам: „Боже, не треба да ја работам оваа работа“, си кажувам: „Благодарна сум што сум на оваа позиција и ќе се обидам да го дадам максимумот и да бидам достојна за неа“ - вели Симо.

Со толку голема работна позиција, Симо признава дека е тешко и напорно. Но, помага тоа што нејзината ќерка и нејзиниот сопруг, Реми Миралес, честопати се со неа на службени патувања.

Кога станува збор за работата, нејзина главна цел е да ги чува луѓето и нивните информации безбедни. Компанијата ги прави сите потребни контроли за приватност и го прошири својот тим за безбедност.

Дали Симо ќе успее онаму каде што Закерберг не успеа - да ја добие довербата на јавноста? Еден знак дека таа можеби ќе успее е нејзината очигледна желба да ја однесе компанијата чекор понапред од некогашното мото: „Движи се брзо и сруши ги работите“. Симо ќе се движи разумно и радосно.

Фото: Loïc Le Meur/Wikipedia/Flickr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија