X
 21.01.2017 Култура

Како Тајван стана „ЛГБТ рај“ во Азија

Пред триесет години  во Тајван владееше воена состојба, а денес оваа држава се стреми да стане првото место во Азија што ќе ги легализира истополовите бракови. Предлог законот ќе биде доставен на разгледување во законодавното тело и за неколку месеци може да стане правосилен закон.

Мислењето во Тајван по ова прашање е поделено: анкетите покажуваат 50%-50%  распределба на силите за и против признавање на истополови бракови. Но, со месеци стотици илјади луѓе го дигнаа својот глас преку протестни собири и онлајн дебати. И покрај високиот процент на противници на ова прашање, се покажа дека Тајван е поотворен за дискутирање на сексуалноста во споредба со соседните земји.

За ова се зборувало и во минатото, но прашањето се реактуелизирало во 2016 година, по самоубиството на Жак Пико, французин и жител на Тајван. Причината за неговиот чин се верува дека била забраната Пико да се вклучи во медицинските одлуки пред смртта на неговиот партнер, болен од рак.

Во Тајван веќе се случи најголемата геј парада и се чини дека таму е најпријателсткото ЛГБТ место во регионот. Претседателката на осторовот, Цаи Инг-вен, исто така јавно ја поддржа оваа идеја за време на нејзината кампања во 2015 година.

Предлог законот поминал на соодветната комисија на 26 декември, што значи дека во наредната фаза ќе биде претставен пред законодавците на пролет, а ќе се гласа кон крајот на годинава. Поддржувачите и опонентите периодов ќе го искористат за да лобираат кај пратениците да го застапуваат нивното мислење.

Како Тајван стана „ЛГБТ рај“ во Азија

Речиси четири децении Тајванците опстојувале под репресивната партија Куоминтанг, кога илјадници луѓе исчезнале, биле затворени или убиени во периодот во историјата познат како „Бел терор“. Со почетоците на демократизацијата во осумдесеттите, почнало да се зборува за женски права, против нуклеарното вооружување и сл.

Моменталната водечка партија, ДПП, е комплетно спротивна на некогашната КМТ. Таа е сочинета од група адвокати и правници, кои со тек на време станале истакнати политичари, вклучувајќи и двајца претседатели. Прашањето за истополови бракови уште во 1986 година се обидел да го наметне Ју Меи-ну, пратеник од ДПП и борец за човекови права, кој прв јавно се ставил во одбрана на прокламиран хомосексуалец во Тајван.

Образованието е уште една од причините за прогресивната атмосфера на островот. Во 2004 година бил донесен актот за родова еднаквост во образованието, барајќи од училиштата да поучуваат за родова еднаквост и различност.

Резултатите од законот од 2004 година денес се видливи во образовниот систем таму. Еден од најпознатите ЛГБТ активисти, 52-годишниот Ценг Каи-син, е трансродов професор во средно училиште во вториот по големина град во Тајван, кој повремено се појавува и во медиумите. Минатиот месец на општинските згради во Таичунг се развиорија знамињата на виножитото како знак на поддршка на истополовите бракови. Во ноември минатата година, едно училиште во Тајпеј стана првото школо што пушти во употреба „унисекс“ тоалет, а друго 21 училиште се пријавило да го стори истото.

Конечно, уште една пофалба кон прогресивните ставови на Тајван е тоа што во 2012 година, една истополова двојка се верила во будистичка церемонија, со оглед на фактот што во оваа земја главна религија е будизмот (што, патем, не содржи учења за хомосексуалноста).   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура