X
 21.01.2019 Живот

Зошто Прилеп викендов имаше 1.611 ПМ10 во воздухот?

Ова се први информации од мерната станица во Прилеп, која била поставена непосредно пред Нова година

Термичка дисперзија во котлините во Македонија, меѓу нив и Пелагонија, огревни дрва и јаглен, но и гуми и пластика, големите мермерни комбинати и други компании што експлоатираат мермер и гранит, се причина што висината на ПМ10 честичките во Прилеп викендов достигнаа 1.611 микрограми на кубен метар. Ова вчера го изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Тој појасни дека ова се први информации од мерната станица во Прилеп, која била поставена непосредно пред Нова година.
- Намерно инсистирав сега да биде поставена, кога загадувањето е најголемо, за да добиеме реална слика за загадувањето во Прилеп. Ова е период кога се трошат најмногу дрва и сите други огревни средства, јаглен, за жал, и гуми, пластика… Мерењето е прв чекор кон решавање на проблемот – рече Јованоски.

Градоначалникот Илија Јованоски / Фото: Општина Прилеп

Мерната станица има опсег на околу 300 до 400 метри. Тестирањето ќе се врши 90 дена, а дури по калибрирањето, мерната станица ќе врши точни мерења на концентрацијата на штетните честички. Јованоски потенцира дека во соработка со „Инфо проект“, Прилеп ќе биде една од првите три пилот-општини во кои ќе се мери аерозагадувањето, заедно со Карпош и Тетово. Во градот ќе бидат поставени 20-30 мерни инструменти и точно ќе се знае кој и колку загадува.

- Како лекар, знам што значи оваа загаденост за граѓаните, астматичарите, за децата, за хроничните болни и што значи да дишат чист воздух… Мерни станици ќе има на сите поголеми комбинати. Мора да знаеме кој и колку загадува за да се преземат соодветни чекори. Многу ќе придонесе и целосната гасификација. Низ Прилеп ќе поминува секундарна мрежа од 20 километри. Во 2021 година гасоводот ќе биде во функција и верувам дека тогаш проблемот и со загадувањето ќе биде решен - рече Јованоски.

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот