Среднодневните концентрации на ПМ10 честички во Скопје денеска се под дефинираниот праг на алармирање, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање што беа воведени во саботата, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 26.12.2022 година, среднодневните концентрации на ПМ10 суспендираните честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и епизодата од два последователни дена е прекината, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање, се наведува во соопштението на МЖСПП.
По препорака на МЖСПП, Владата во саботата донесе одлука за стапување во сила на препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од неделата и во Гостивар. Вчера беше донесена одлуката за укинување на мерките и препораките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри за Гостивар, Кичево и Кавадарци.
Мерките во Скопје беа воведени откако на мерното место во Центар во четвртокот беа измерени концентрации на ПМ10 честички од 160,34 микрограми на кубен метар, а во петокот 248,51 микрограми на кубен метар, додека во Лисиче во четвртокот беа регистрирани 189,94 микрограми на кубен метар, а во петокот – 259,01 микрограми на кубен метар.
Извор: МИА