X
 21.02.2019 Живот

16 термоелектрани од Западен Балкан загадуваат колку 250 термоелектрани од ЕУ

Работењето на 16 термоелектрани на јаглен во земјите од Западниот Балкан претставува здравствен и економски товар за цела Европа, при што здравствените последици и трошоци ги поднесуваат граѓаните на ЕУ  - ова е заклучокот на новата анализа што денес во Брисел ја претставија организациите: HEAL, „Sandbag“, „CAN Еurope“; „CEE Bankwatch“ и организациите-членки на кампањата „Europe Beyond Coal“.

Анализата се базира на методологијата на Светската здравствена организација и Европската комисија.

Резултатите од анализата покажаа дека секоја година загадувањето на воздухот, што е последица на работата на 16 западнобалкански термоелектрани на јаглен, предизвикува до 3.000 смртни случаи, до 8.000 случаи на бронхитис кај децата, како и други хронични заболувања.

Анализата проценува дека годишните медицински трошоци што можат да се поврзат со ова загадување изнесуваат од 6,1 до 11,5 милијарди евра, а ги плаќаат граѓаните и економиите на загрозените земји.

zagaduvanje

- Загадувањето на воздухот не познава граници, во Европа тоа и понатаму претставува невидлив убиец. Факт е дека загадениот воздух од Западен Балкан се пренесува во земјите на ЕУ каде што дополнително негативно влијае врз веќе лошиот квалитет на воздухот. Ова ги отежнува напорите на овие ЕУ-земји, директни соседи на земјите од Западниот Балкан, да ги исполнат европските стандарди за квалитетот на воздухот - изјави високиот советник за здравство и енергетика во организацијата HEAL и главна авторка на извештајот.

Таа додаде дека е крајно време носителите на одлуки во ЕУ да ги поддржат напорите за заштита на чистиот воздух и декарбонизација на енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан.

Термоелектраните на Западниот Балкан со години емитуваат огромно количество загадувачки материи. Само во 2016 година 16 западнобалкански термоелектрани во воздухот испуштиле количина на сулфур диоксид споредлива со количина емитувана од сите 250 термоелектрани во ЕУ. Еднакво алармантно е и нивото на загадување на ситни честички (PM2,5 PM10) и азотни оксиди.

- Со децении термоелектраните на Западниот Балкан неказнето ја трујат околината и своето население и населението на соседните држави. Се надевам дека оваа анализа ќе ги поттикне политичарите од ЕУ да извршат притисок и властите да почнат да водат грижа за здравјето на своите граѓани и граѓаните на ЕУ - изјави Денис Жишко, координатор на програмата „Енергија и климатските промени“.

Според анализата, РЕК Битола се наоѓа на 8. место од вкупно 10 најзагадувачки фабрики во Европа по СО2 емисии во 2016 година. На прво место се најде фабриката Костолац Б во Србија.

Покрај тоа, во Македонија се случиле 104 случаи на прерана смрт од загадувањето на воздухот во 2016 година, 216 случаи на бронхитис, 46 случаи на хроничен бронхитис кај возрасни и 70 приеми во болница поради респираторни или кардиоваскуларни симптоми.

Извештајот потенцира дека е крајно време носителите на одлуки во земјите од Западен Балкан да го прифатат фактот дека јагленот е извор на енергија од минатото и треба да почнат сериозни планови за декарбонизација на енергетскиот сектор што е можно поскоро.

Целосниот извештај можете да го погледнете ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот