Кинеските инвестиции во регионот познат како Западен Балкан вообичаено се реализираат преку концесионо финансирање, оценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Кинеските инвестиции бараа третман надвор од вообичаените законски процедури, како што е случајот во Црна Гора, без да внимаваат како тоа ќе се одрази врз јавниот долг. Високото потпирање врз кинески компании исто така може да го ограничи влијанието на домашните инвеститори во фазата на изградба“, се наведува во документот на ММФ кој ја разгледува состојбата на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.
ММФ забележува дека кинеските инвестиции во регионот растат, а се очекува и нивно дополнително зголемување во наредните години.
Како што се наведува, порастот почнал по првиот регионален самит во 2015 година, кога челниците на Кина со лидерите на земјите од регионот договорија зајакнување на економските врски. Потоа биле потпишани и неколку билатерални договори, со кои биле отворени вратите за кинеските инвестиции, пред сè во патната и во енергетската инфраструктура.
„Освен тоа, географската близина на земјите од Западен Балкан со Европската Унија и нивното приближување претставува шанса за кинеската економија за пристап кон единствениот пазар на Унијата“, оценува ММФ.
Според графиконите на ММФ, за кои се користени податоците од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), најмногу кинески инвестиции се договорени во Србија, со вкупна вредност од 2,6 милијарди евра, а потоа во БиХ – 2,1 милијарди.
За проектот за изградба на првите делници на автопатот во Црна Гора се одобрени 900 милиони евра, додека за обнова на македонските железници се проектирани 600 милиони евра.
„Подобрените сообраќајни проекти во регионот ќе го олеснат транспортот на кинеските стоки до единствениот пазар на ЕУ, а стратегијата истовремено ќе ја засили и регионалната инфраструктура за поврзување на внатрешниот пазар на Западниот Балкан“, стои во документот.
Вкупното влијание на инвестициите врз домашните економии ќе зависи од изборот на проектите и нивното ефикасно извршување, оценува
ММФ.