Загадувањето на воздухот е поопасно отколку што се мислеше досега, предупредува Светската здравствена организација - СЗО, која го намали максималното ниво на загадувачи во воздухот што се смета за безбедно, пренесува Би-би-си.
Се проценува дека 7 милиони луѓе годишно умираат поради болести поврзани со загадувањето на воздухот. Најпогодени се земјите со ниски и средни приходи бидејќи се зависни од фосилни горива за економски да се развиваат.
Според СЗО, загадувањето на воздухот е еднакво штетно за здравјето како и пушењето цигари и нездравата исхрана. Затоа, организацијата бара од своите 194 земји членки да ги намалат емисиите на штетни гасови и да преземат мерки кога станува збор за климатските промени.
Фото: Pixabay
Не е новост фактот дека токсичните честички и гасови во воздухот може да им наштетат на луѓето повеќе отколку што се мисли. Меѓутоа, тешко е да се сопре загадувањето со мали честички што може да се вдишат.
Овие честички се создаваат со гасовите произведени од автомобилите, централните системи за греење, но може да се формираат во воздухот и при реакција со други хемикалии, како бои и разредувачи.
Новите препораки на СЗО се намалување на препорачаната граница за изложеност на мали честички ПМ 2,5 за половина, а на ПМ 10 за 25 отсто.
Извор:
BBC