21.02.2019
Култура
Доделени музичките БРИТ-награди
По десетина дена од доделувањето на наградите „Греми“, во лондонската „О2 Арена“ вчера се одржа доделувањето на БРИТ-наградите, а најзначајните музички признанија - пејачка и пејач на годината - ги освоија Џорџа Смит и Џорџ Езра.
Наградите за интернационални соло-пејачка и пејач ги добија Аријана Гранде и Дрејк, а пак Том Вокер е прогласен за најдобар дебитант.
Титулата најдобар британски бенд, како и онаа за албум на годината, им припаднаа на рокерите од групата „1975″. Најдобар странски бенд е дуетот „Картерс“ составен од Бијонсе и Џеј Зи.
Наградата за британска песна на годината ја освоија Калвин Харис и Дуа Липа за „Оnе Кiss“, а на шкотскиот музичар му е доделена и наградата за најдобар продуцент.
Ед Ширан ја доби наградата за специјални достигнувања.
За најдобар видеоспот е прогласен oнoj за песната „Wоmаn Likе Ме” на групата „Литл Микс“ изведена во соработка со Ники Минаж. Нивниот настап на свеченоста привлече можеби најмногу внимание и реакции кај гледачите.
Водители на вечерта беа комичарот Џек Вајтхол и радиоводителката Клара Амфо.
БРИТ-наградите се доделуваат од 1977 година како британски пандан на американските награди „Греми“ , а организатор е Британската фонографска асоцијација.
Извор: МИА