X
 22.08.2019 Наша тема

Средношколката Кристина Матеева со сликарска четкичка до меѓународни награди и признанија

Кога била мала, откако ќе се вратела од некоја прошетка со нејзините родители, ја земала својата табла со маркери и го цртала тоа што ѝ предизвикало импресии. Секој цртеж ги воодушевувал повозрасните


Секој од нас поседува некаков афинитет во одредена област, а за мене тоа е сликарската уметност. Оваа уметност за мене претставува повеќе од умешност и талент бидејќи за неа се потребни посветеност, вложен труд и љубов, но најважно - иновативност и креативност за на крајот да се добие целосен продукт кој ќе се издвојува по својата автентичност и убавина. Вака ни почна разговорот со седумнаесетгодишната Кристина Матеева, ученичка во гимназијата „Никола Карев“ и добитничка на многубројни награди за сликање.


Ова дело доби златен медал на интернационален ликовен натпревар во Турција

Таа ни ја раскажа својата ликовна приказна, која почнала кога имала само четири години.

- Мојата најголема инспирација за сликање во тоа време беа анимираните филмови и видеоигрите, како и настаните од секојдневниот живот, кои ме поттикнаа да фантазирам и истото да го пренесам на парче хартија. Уметноста за сликање отсекогаш за мене претставувала област во која најмногу се пронаоѓам како личност, но имам други интереси од кои би ги издвоила: литературата, танцот, музиката, графиката и дизајнот, а тука би ја додала и психологијата - вели Кристина.


Кристина со мајка си

Кога била мала, откако ќе се вратела од некоја прошетка со нејзините родители, ја земала својата табла со маркери и го цртала тоа што ѝ предизвикало импресии. Секој цртеж предизвикувал воодушевување кај повозрасните. Талентот ѝ е наследен бидејќи и нејзините родители цртале во детството.

Прва награда на шест години

Првата награда за цртеж ја освоила на шестгодишна возраст, а темата на ликовниот конкурс била еколошка. Токму таа награда претставувала дополнителен поттик за нејзините следни цртежи и за нејзиното учество во многу училишни проекти каде што можела да дојде до израз нејзината креативност. Таа учествувала во модни ревии каде што самата креирала фустани од материјали за рециклирање, учествувала во креирање групни маски за Денот на шегата, а честопати учествувала и во уредување на училишните холови.


Цртеж направен на 12-годишна возраст

Има освоено три медали на меѓународни ликовни натпревари: златен, cребрен и бронзен медал, како и многубројни дипломи за освоени места во Турција, Бугарија и во Македонија.

- Ги сакам производите на таканаречените „убави уметности“: сликарството, вајарството, графиката, музиката, танцот и литературата. Често знам да кажам дека сакам да го направам светот поубаво место за живеење, каде што сите луѓе ќе бидат среќни. Сакам да го „дизајнирам“ светот во шарени бои, а не да биде црно-бел - вели Кристина.

Мајка ѝ Марија вели дека уште од најрана возраст се обидувала кај неа да ги втемели сите вистински вредности што треба да ги поседува една млада личност.

- На патот на воспитувањето не наидовме на препреки бидејќи Кристина секој наш совет го впиваше и го применуваше. Можеби токму затоа сега пред нас имаме една многу добродушна, мила, културна личност која е одлична ученичка и има освоено многу награди и медали за нејзиниот ликовен талент - вели Марија.

Другарството мора да се негува

Имам поширок круг на пријатели со кои се дружам. Тие се секогаш тука за да ми дадат поддршка за секоја моја одлука и затоа сум им многу благодарна. Другарството за мене е нешто што треба да се негува и чува, а кoга сум со моите пријатели, најчесто излегуваме на прошетка или седнуваме во некое кафуле, раскажува Кристина.



- Освен сликањето, сакам да поминувам време со семејството, но и да слушам музика, да пишувам и да се дружам. Имам повеќе планови и цели за во иднина, но, пред сè, сакам да го завршам средното образование, а подоцна да продолжам на факултет и најпосле да почнам да се занимавам со некоја креативна професија каде што ќе можам да ги покажам своите способности, а особено талентот за сликање - вели Кристина.

Кристина вели дека сите оние што поседуваат каков било талент треба да вложуваат во себе и да го негуваат.

- Би им посакала на сите да бидат иновативни, креативни и оригинални, да ја вложат и последната капка пот во она што го работат и да го сработат како што умеат. Да не бидат монотони, да не користат туѓи идеи како свои и да не се плашат од предизвици. Многу е важно да се биде свој, вложениот труд и напорната работа неминовно водат до успех - завршува Кристина.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема