Ангела Каранфиловска (20) и Андреа Коруновска (18) пораснаа меѓу штафелаите, боите, четките, цртежите во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола. Во морето од ликовни таленти кои го посетуваа овој уметнички епицентар во Битола, тие се меѓу најнаградуваните.
„Малиот битолски Монмартр“ е нивниот втор дом. Освен тајните на ликовната уметност, таму научија уште поголеми лекции, животните. Да бидат позитивни, со отворени срца. Така битолчанките Ангела Каранфиловска (20) и Андреа Коруновска (18) ги учеше големиот детски ликовен педагог Коста Хаџи Антоновски, идејниот татко на „Монмартр“. Двете млади девојки пораснаа меѓу штафелаите, боите, четките, цртежите во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола. Во морето од ликовни таленти кои го посетуваа овој уметнички епицентар во Битола, тие се меѓу најнаградуваните. Тешко е да се добројат освоените медали, признанија, пехари, благодарници, дипломи... Ангела има над 40, а Андреа над 50.
Андреа (лево) и Ангела (десно)
Кога ќе влезеш во „Монмартр“, тешко е да излезеш
- Веќе 11 години сум член на семејството на детски ликовни амбасадори наречено „Монмартр“. И можам да кажам дека таму пораснав и се изградив како личност. Да, се сеќавам како да беше вчера, бев многу возбудена и среќна кога чичко Коста ми рече: „Од денес си член на Малиот битолски Монмартр“. Со самото влегување во студиото ги почувствува магијата и неизмерната љубов на чичко Коста кон децата. Првиот цртеж засекогаш ќе остане во моите сеќавања, темата беше „Зет и невеста“, тој беше мојот „приемен испит“ за влез во светот на уметноста - вели Андреа Коруновска.
Нејзината другарка Ангела Каранфиловска, магијата наречена „Монмартр“ ја зафати пред 14 години гледајќи ги децата како на платно ги овековечуваат архитектонските убавини на битолските сокаци. Убаво цртала, па родителите ја однеле во студиото, а кога влегла, не сакала да излезе.
- Во просториите на нашето ликовно студио не учиме само да цртаме и да сликаме, учиме да се дружиме, да помагаме, ги учиме сите оние вредности што нѐ прават луѓе. Стекнуваме познанства од целиот свет и имаме можности за нови искуства. Учествуваме на разни детски ликовни колонии во други држави и, секако, нашиот труд е награден, што дополнително нѐ мотивира да бидеме сѐ подобри и подобри во полето на уметноста и културата - вели Каранфиловска.
Секој мај празнична еуфорија
Училиштето никогаш не им пречеше за целосно посветени да учествуваат во сите активности на студиото. Посебна еуфорија носеше секој мај, пред појавата на пандемијата, кога Битола стануваше дом на млади ликовни творци од целиот свет. За жал, две години по ред манифестацијата поминува со скромен број на гости, а низ улиците ги нема децата со четкичките и цртежите.
- Колонијата ни раѓа посебни чувства кои дефинитивно се неописливи, од радост и смеа до солзи и тага, особено откако творецот на колонијата, Коста Хаџи Антоновски, почина две месеца пред 40. јубилеј годинава. Чичко Коста нѐ научи многу работи, нѐ научи да бидеме позитивни, да се грижиме едни за други, но најважно, нѐ научи да имаме отворени срца, да даруваме среќа и љубов. Ќе живее заедно со неговото дело - вели Каранфиловска.
Толку се вљубени во ликовната уметност, што кога цртаат се случува да поминат часови, па и цела ноќ без да почувствуваат замор, останувајќи крај штафелајот.
Ангела Каранфиловска
Награди од цел свет, тешко се добројуваат
- Во моето досегашно членување и творење во Детското ликовно студио имам освоено околу 40 награди од светско и од регионално ниво. Меѓу нив има златни, сребрени и бронзени медали, како и највисоката награда Гран при од Пиатра Неамт во Романија. Исто така, добитник сум и на наградата за најуспешни битолчани во 2018. Сите награди ми се еднакво драги и имаат големо значење за мене. Дел од наградите се урамени и имаат посебно место на ѕидот во мојата соба, а дел се уредно сместени во една од фиоките на работната масичка. Во иднина би сакала да ги гледам сите сместени во посебен дел од моето ателје - вели Каранфиловска.
Едната на Ликовна академија, другата на информатика
Таа продолжи да го следи патот на уметноста и се запиша на Ликовната академија во Скопје. Андреа пак, нема да студира уметност, туку информатика, но тоа не значи дека се откажува од цртањето и негувањето на талентот.
- Искрено, не знам колку награди сум освоила, близу 50. Секоја година добивам награди од многу места како: Португалија, Чешка, Бугарија, Романија, Индија, Хонгконг, Египет, но имам и многу награди од Детското ликовно студио. Многу од нив се медали, дипломи, кои исто така ми се многу драги и не би можела да издвојам некоја што ми е најдрагоцена. Поспецифично доделување беше кога ја примив наградата од Чешка бидејќи ми ја врачи чешкиот амбасадор во нашата држава - вели Коруновска.
Од најубавите моменти во изминатите години го издвојува моментот кога Коста го славел 84. роденден и таа го израдувала со слика-портрет што сама ја нацртала. Се присетува на среќата во неговите очи и тој момент засекогаш ќе остане врежан во нејзиното срце.
Коста Хаџи Антоновски
Врската со Детското ликовно студио не се прекинува
Двете талентирани млади уметници веќе неколку години се вклучени во организацијата на „Монмартр“, а сега ги здружија силите со ќерката на Коста, Елена Хаџи Антоновска, за да се продолжи успешната приказна. Коруновска вели дека и кога ќе замине на факултет, Детското ликовно студио за неа ќе претставува втор дом и секогаш ќе помага кога треба. Истите чувства ги споделува и Каранфиловска.
Андреа Коруновска
- Врската со Детското ликовно студио не може да се прекине, особено доколку некој ѝ се посвети на уметноста и на децата со љубов. Секогаш има време кое можеме да го одвоиме за работите што ни значат и кои вредат - вели Каранфиловска.
Овие девојки се пример дека ликовниот талент вреди да се негува и дека во денешниот свет, кога се ценети математиката и информатиката, едно топло катче во Битола успева да го одржи уметничкиот феникс во душата на децата. А уметноста е начин на творење, размислување, живеење...