X
 21.02.2020 Образование

Зошто Стокхолм е магнет за меѓународните студенти?

Со три универзитети од светска класа во центарот на градот, Стокхолм долго време е магнет за младите академци. Но, сега кога Институтот „Каролински“, Кралскиот институт за технологија и Универзитетот „Стокхолм“ се во сојуз што ќе ја истакне позицијата на шведскиот главен град како жариште на истражувањето, очекувањата се дека уште поголем број студенти ќе дојдат да студираат во градот.

Партнерството познато како стохколмски универзитетски сојуз има цел да ја зголеми соработката помеѓу трите универзитети и да ја зајакне секоја од нивните уникатни области на експертиза и да го разгори имиџот на Стокхолм како мека за високото образование и град полн со можности за странците, и за време на студиите и по студиите.

Веб-страницата „Локал“ разговараше со меѓународни студенти од секој универзитет и откри дека имаат слични причини зошто го избрале токму Стокхолм за студирање.

Средишна точка помеѓу Делхи и Упсала

За 18-годишната студентка Иника Прасад од Институтот „Каролински“, Стокхолм е интересен контраст на Делхи, Индија, каде што таа живеела пред нејзиното семејство да се пресели во Упсала.

- Ми се допаѓа атмосферата, луѓето што ме опкружуваат. На пример, квалитетот на воздухот и безбедноста на жените се на високо ниво. Ова е едно од најдобрите места и за полова еднаквост и за општа безбедност - вели таа.

Била привлечена од Институтот „Каролински“ затоа што има одлична репутација за областа на која таа одлучила да студира. Таа студира биомедицина и во моментов ја завршува првата година од студиите.

Истакнува и дека јавниот превоз и инфраструктурата се нешто што ги привлекува луѓето.

Тешка адаптација, но сите се љубезни

Ентузијазмот на Прасад не го споделува 23-годишната Катерина Каливроуси од Атина, Грција, која е на магистерски студии на Универзитетот „Стокхолм“.

- Се борам со темнината и времето. Тешка е адаптацијата на ваквото време - вели таа.

Но, иако таа се преселила во Шведска пред три месеци, веќе го научила животот во оваа земја.

- Ги обожавам природата и вибрациите на градот. Луѓето тука се навистина љубезни и со отворен ум. Ме интересира музиката, а Стокхолм е одличен град за тоа - вели таа.

Таа веќе почнува да се приспособува на различната дневна рутина.

studenti
Фото: Pixabay

- Часовите тука се различни отколку во Атина. Овде луѓето се дома во 19 часот, додека во Атина тогаш е време да излеземе на кафе пред да одиме на вечера во 22 часот. Но, начинот на живот во Стокхолм е многу подобар за мене. Ми помага да се фокусирам на она што го правам - вели таа.

Каливроуси ја привлекол Стокхолм затоа што нејзината братучетка веќе студирала таму.

- Направив и истражувања за рангирањето на универзитетите во Европа и открив дека во Стокхолм се најдобрите бизнис-школи во Европа. Програмата е совршена за мене - вели таа.

Швеѓаните се поотворени отколку што мислев 

Тоа е нешто што може да го потврди 29-годишниот Андрес Толедо. Тој се запишал на Кралскиот институт за технологија знаејќи малку работи за Стокхолм. Во текот на првите месеци во градот почнал да се дружи со студенти од другите земји, а неодамна склопил и неколку шведски пријателства.

Се одлучил за мастер-студии по машинско учење на Кралскиот институт затоа што оваа високообразовна институција се издвојувала од другите.

Кога станува збор за временските услови, тој се согласува со Каливроуси и едвај ја чека пролетта, кога планира да си купи велосипед и да го истражува градот.

- Отсекогаш сум сакал градови што се опкружени со вода. Повеќе сум навикнат да гледам планини на хоризонтот, но мислам дека природата тука е многу убава. Плус градот е одлично структуриран, така што човек лесно може да се снајде - вели тој.

- Мојот впечаток за скандинавските луѓе беше дека се резервирани и дека си го почитуваат личниот простор. Но, се покажа дека луѓето тука се навистина пријателски расположени. Дефинитивно се поотворени отколку што мислев - вели тој.

Тројцата студенти изјавија дека граѓаните во Стокхолм се гостопримливи и со отворен ум, така што никој не доживеал поголеми тешкотии.

- Сите се гостопримливи, така што немам доживеано ништо негативно - вели Толедо.

Тројцата велат дека иако нивните планови за иднината се неизвесни, размислуваат да останат во Стокхолм откако ќе ги завршат студиите.

Извор: The Local
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование