X
 24.08.2018 Економија

Лондон е водечки центар за тргување со валути поради една необична причина

Велика Британија ја зголеми предноста пред САД, потврдувајќи ја позицијата на водечки центар за тргување со валути, две години по одлуката за Брегзит, покажуваат најновите анализи.

Пазарите на валути се меѓу најголемите и најдобро вмрежените пазари на светот, со дневна вредност на трансакциите која се мери во илјадници милијарди долари, а Лондон доминира на глобалниот пазар со валути речиси половина век.

Анализата на Ројтерс е базирана на податоците од централни банки од пет водечки трговски центри, а покажала дека просечниот дневен обем на тргување со валути во Британија во април достигнал 2.700 милијарди долари, што е дури за 23 отсто повеќе во споредба со истиот месец пред две години.

Стапката на раст е двојно поголема од оние во второпласираните Соединети Американски Држави, каде што изнесува 11 отсто, со просечна дневна вредност на обемот на тргување од 994 милијарди долари.

Тоа значи дека околу две петтини од глобалната купопродажба на валути се извршуваат во Велика Британија - најмногу во Лондон. Просечната дневна вредност на трансакциите во Британија е речиси идентична со вредноста на британскиот БДП.

Како причина за вкупниот раст на трговијата со валути, банкарите и трговците ја наведуваат глобалната политичка неизвесност, вклучително и Брегзит. Меѓу причините ги издвојуваат и претседателскиот мандат на Доналд Трамп во САД и заканата од трговски војни.

Временската зона меѓу САД и Азија му гарантира на Лондон добра позиција во време на глобални превирања, објаснуваат тие.

- Добрата географска позиција му помага на Лондон бидејќи мнозинството важни вести за пазарот, без разлика дали станува збор за САД или за Европа, се случуваат во работното време на пазарот во Лондон. Неизвесноста во поглед на Брегзит можеби е значајна, но ја засенува временската зона во која се наоѓа Лондон, како и јазикот и предностите поврзани со тоа што го имаат најголемиот пазар - вели Нил Џонс од јапонската банка „Мизухо“, чие седиште е во Лондон.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија