X
 21.02.2023 Живот

Просечната старост на пекарите и бурекчиите 57 години, кога ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени

Просечната старост на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Кога ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени. Компаниите од оваа област и сега се соочуваат со проблеми поради недостиг на квалификуван кадар. Младите воопшто немаат интерес за пекарската струка, ниту се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници, покажува најновата анализа на Стопанската комора.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, ситуацијата е алармантна, а дополнително ја комплицира тоа што дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира кадарот.

- Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците кубурат со пекари и бурекчии. Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавците или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка - истакна Наташа Јаневска од Комората.

Комората најавува поддршка за своите членки преку преквалификација и доквалификација за бараните вештини.

- Почнуваме со обука за пекари во соработка со пекарницата „Пастел“, која се соочи со потребата од обучен кадар. Станува збор за верификувана, модуларно дизајнирана програма, изработена на барање на „Пастел“, која содржи теоретски и практичен дел. Лицата ќе бидат обучувани од искусен практичар, додека трае обуката, ќе добиваат парични средства, а потоа, по завршувањето на обуката, ќе бидат и вработени во фирмата - нагласи Јаневска.

Според Игор Стојановски од „Пастел“, проблемот со немањето кадар во пекарската индустрија е исклучително сериозен.
- Драстично се качува цената на трудот на постојните работници - пекари. Веќе нема многу разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, цените им се речиси изедначени. Не се исти, но полека ги стигнуваат зашто едноставно нема кој да работи - рече Стојановски.

За обуката веќе има четири кандидати, сите се жени, на возраст од околу 50 години. Тие сакаат да се преквалификуваат зашто бараат работа.
- Млади засега не се пријавиле - потенцира Стојановски, додавајќи дека во пекарската индустрија просечната плата е над 30.000 денари, а достигнува и до 60.000. Притоа, платата е во процес на раст.

Според последната анализа на Стопанската комора, 82 отсто од компаниите се обиделе да обезбедат кадар со потребни вештини, но не успеале во целост, 45 проценти од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство, додека 42 проценти сметаат дека кандидатите имаат некои соодветни теоретски знаења.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот