Земјите членки на Европската унија самостојно одлучуваат по однос на тоа како ќе се однесуваат за валидноста на патните исправи. Главно граѓаните немаат поголеми пречки за враќањето дома, но во однос на излегување, нашиот закон не дозволува употреба на старите пасоши. Согласно членот 118 од Уставот не може со закон да се менуваат меѓународни договори, останува да се организираме, да им излеземе во пресрет на граѓаните и да издаваме повеќе пасоши, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Прашан дали МНР има добиено каков и да е допис од ЕК дека земјите членки ќе бидат попустливи за нашите граѓани со старите пасоши, Османи во изјава за медиуми во МНР нагласи дека се во постојана комуникација и со институциите на ЕК, и со земјите членки, и оти досега официјални дописи имаат добиено само од две земји, од Швајцарија која потврдила со нота дека го прифаќа пасошот и БиХ која информирала дека нема да ги признава старите патни исправи и личните карти.
-Земјите членки сами одлучуваат по однос на валидноста на пасошите. Една земја има донесено формален став којшто не има комуницирано, другите повеќе практично се поставуваат отколку да имаат заземено некој став којшто би го комуницирале. Меѓутоа, воглавно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Прво, затоа што ние се организиравме во ДКП-еата, овозможивме бесплатни патни исправи, овозможивме патни листови да се достават со пошта, што значи дека им излегуваме во пресрет. Во многу држави на граѓаните и не им ги бараат патните листови. Меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши не можам и официјално и да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е пораката. Значи, повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши доколку е валиден. Но, ја кажав причината зошто јас не можам официјално да ги информирам бидејќи немам официјално допис - вели Османи.
Тој нагласи дека некои држави не ги бараат ниту патните листови, но упати граѓаните коишто патуваат со автомобил и поминуваат низ неколку држави, да не ризикуваат, бидејќи патниот лист е бесплатен, лесно го добиваат, сепак да го имаат.
Во однос на излегувањето од земјава со пасош со старото име, Османи подвлече дека нашиот закон не го дозволува тоа, односно Законот на МВР, и оти, вели, нечесно е да се прави притосок за менување на законот за патните исправи.
-Сите обиди да се прави јавен притисок за продолжување на рокот на пасошите е нечесен без тоа да се направи помеѓу политичките партии. Прво, затоа што член 118 од Уставот вели – Меѓународните договори коишто се ратификувани во Парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не може да се сменат со закон. Значи, Уставот вели не може да се сменат со закон. Преспанскиот договор е во сила и ние го почитуваме и имплементираме. Можеме да седнеме да направиме планови како што ние во МНР се организиравме во ДКП-еата да им излеземе во пресрет, ајде да се организираме и овде да им излеземе на граѓаните во пресрет. Јас утринава ја сретнав грчката амбасадорка уште еднаш, разговаравме во детали за сите аспекти. Зборувавме како да се снабдиме веднаш со нови машини за сликање и за произведување пасоши. Исто, да дистрибуираме до ДКП-еата, МВР да работи повеќе со фирмата да достави обрасци, а не да бараме да го прекршиме Уставот, туку да се организираме. Значи, не е коректно партиите коишто со години им кажуваа на граѓаните ќе им го вратиме името и голем број на граѓани ги послушаа, не ги менуваа пасошите надевајќи се дека навистина ќе се врати името, сега да повикуваат на нешто друго. Ајде да се организираме, да им излеземе во пресрет на граѓаните и да издаваме пасоши повеќе - вели шефот на дипломатијата.
Околу известувањето кое МВР го добило од Комитетот за патни исправи од ЕК, за што утрово информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Османи изјави дека станува збор за лоша интерпретација.
- Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на ЕК е дека Комисијата не носи одлука која што важи за целата ЕУ, туку тоа е суверено прашање на секоја од државите. Државите имаат практичен став. Државите носат секоја за себе одлука. Нема политика во која што ЕУ ќе донесе бидејќи има многу такви политики ЕК ќе донесе одлука и таа важи за сите земји. По однос на ова прашање земјите сами одлучуваат. И досега повеќето земји практично се уште дозволуваат граѓаните да се движат, но немаат официјален став освен една досега за признавање и една за непризнавање. Се разбира дека комуницираме со нив, ние не пуштивме известување бидејќи законот е донесен, ние требаше да ги информираме земјите дека има таков закон, ние не ги информиравме токму за да овозможиме еден бафер период граѓаните да не бидат заглавени на граница, да можат да се движат. Тоа на мој ризик преземав да не ги информираме државите - рече Османи.
Според него, фокусот сега треба да е на граѓаните.
-Ако можев јас да ги посетам за четири дена седум држави, да ги посетам ДКП-еа, да воведеме двосменско работење, да работиме сабота и недела, ајде и тука, ги разбирам. Не велам дека во МВР не работат. И тие прават максимум во рамки на околностите. Но, мора да водиме сметка дека некој пет години зборуваше дека ќе го вратиме името или, пак, не е почнато навреме да се издава. Но, состојбата е таа, сега мислам дека треба под итно да набавиме нови базни станици за тука и да ги распределиме по ДКП-еата. Да најдеме начин да стигнат обрасците што побрзо и граѓаните да добијат пасоши. Мислам дека ова е еден период од месец – два кога ќе имаме вакви потешкотии и полека ќе спласне притисокот - смета Османи.
Прашан за можноста техничката влада да набавува базните станици, Османи смета дека за итни прашања можно е која било влада тоа да го направи. Сепак, повторно нагласува дека најважно во моментов е да им се излезе во пресрет на граѓаните.
-Најлесно е да се повикаме на одложување на роковите, прекршување на Преспа, меѓутоа сметам дека без согласност со Грција, тоа не смееме да го направиме - вели Османи.
Во контекст на измената на Законот за личните карти и дозволите, за кој се постигна договор меѓу партиите, тој укажа на тоа дека овие два документа се користат пред се внатре во државата, многу малку надвор од неа.
-Во Преспанскиот договор јасно вели има политички рок и технички рок. Политичкиот рок се однесува на документите за внатрешна употреба и тие се менуваат согласно со отворањето и затворањето на поглавјата. Така што можеме пошироко да интерпретираме дека возачките дозволи влегуваат во документите за внатрешна употреба, па влегуваат во тие рокови. Пасошите директно влегуваат во докумнетите за меѓународна употреба и во техничките рокови. Јас предложив некои идеи за итни, неодложни прашања, да се признаваат во одреден рок, меѓутоа мораме да го направиме тоа во согласност со втората страна со која имаме потпишано договор. Комуницираме со Грција, билатерално со земјите, со ЕУ за да биде ситуацијата пофлексибилна. Ајде тоа да го направиме координирано и со МВР - вели Османи.
Во однос на тоа до кога очекува флексибилност од земјите членки да ги толерираат старите пасоши, Османи рече дека Грција има очекување дека тоа ќе биде краток период од околу 30 дена, за што денеска зборувале со грчката амбасадорка.
Министерот Тошковски, во гостувањето утринава во емисијата „Ја сакам Македонија“ на Сител ги повика повторно пратениците во Собранието да поддржат и измени за продолжување на рокот на важност на патните исправи.
-Денеска добив на писмено информација каде комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70.000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме - само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура - од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче - рече тој.
Досега во ДКП-ата во Бон се поднесени околу 9.000 барања за пасоши, во Берн околу 7.000, информира шфот на дипломатијата.
Извор: МИА