X
 21.07.2019 Живот

Во иднина ќе патуваме без пасоши

Иднината на патувањето е без хартија. Или ќе биде, по иницијатива на Светскиот економски форум.

Програмата наречена „Дигитален идентитет на познат патник“ ќе им овозможи на луѓето да летаат без документи. Тестирањето на програмата е во тек и патниците вклучени во пилот-проектот ќе можат да патуваат меѓу Канада и Холандија користејќи го нивниот мобилен телефон наместо пасош.

Глобално, системот за авионско патување е под притисок како што сè поголемиот број патници го надминуваат растот на капацитетот на аеродромите. Целта на програмата е да се забрза текот на патниците на аеродромите и да се редуцира ризикот од измами со идентитетот при преминување граници.

- До 2030 година меѓународните летови се очекува да достигнат 1,8 милијарда патници, што е за 50 отсто повеќе од 2016 година. Со денешните системи, аеродромите не можат да го издржат овој раст. Овој проект нуди решение. Со користење интероперативен дигитален идентитет и други технологии ние им нудиме на патниците одговор за безбедно патување. Ова ќе ја обликува иднината на авијацијата и безбедноста - истакна Кристоф Волф од Светскиот економски форум.

Патниците што пристигаат на аеродромите вклучени во проектот веќе ќе ги имаат нивните податоци шифрирани и зачувани на мобилните телефони наместо на микрочип на пасошот.

Важните информации им се праќаат на авионските компании, граничните власти и други пред патниците да стасаат до аеродромот. Секојпат кога се праќаат податоците, се бара согласност, што им дава на патниците поголема контрола врз нивните лични податоци, за разлика од постојниот пасошки систем.

Користењето на биометриската технологија, како што се отпечатоците или препознавањето на лицата, ќе им овозможи на патниците да уживаат во бесхартиениот транзит.

Првото дигитално документирано патување се очекува да се случи во 2020 година.

Програмата може да ѝ помогне на авијациската индустрија да се справи со зголемувањето на бројот на патници, но усвојувањето на бесхартиеното патување на глобално ниво со себе носи и предизвици.

Успехот ќе се потпира на соработка меѓу владите низ светот, технолошките провајдери, авијациската индустрија, граничните власти и други, за да се воспостави глобална безбедност и стандарди за заштита на податоци кои би биле почитувани од сите страни.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот