Иако „обичните“ луѓе добиваат совети помалку да летаат, привилегираните и супербогатите, како политичарите што патуваат во Давос или мегапопуларните ѕвезди како Тејлор Свифт, едноставно не можат да престанат да летаат.
Трендот на популаризација на приватните летови, кој започна за време на пандемијата, не покажува знаци на забавување. Богатите се толку желни да го избегнат метежот што некои од светските луксузни тур-оператори и хотелски групи, во потрага по нови и иновативни понуди за своите богати клиенти, создаваат нови концепти за патување наречени „воздушни крстосувања“.
Станува збор за патување слично како крстосувањето со брод, но наместо со брод, се патува со авион.
- Како лидери на пазарот на класичните патувања со придружба, сакавме да смислиме нешто ново - вели Енди Сквирел, директор на „Титан травел“, компанија која минатата година го понуди своето прво 23-дневно ВИП-патување со „боинг 737“.
Посебни комерцијални авиони
Клиентите на „Титан травел“ ги посетиле Италија, Црна Гора, Јордан, Узбекистан и Турција за 32.700 евра.
- По ковид-кризата добивме чувство дека луѓето заштедиле и не сакаат повеќе да го чекаат патувањето што се случува еднаш во животот. Се чинеше дека е вистинско време да се лансира концептот на авионско патување, но по цена која е попристапна од конвенционалните приватни патувања со авион - објаснува Сквирел.
За супербогатите, патувањето одамна е незамисливо без приватен авион. На пазарот сега оживува традиционалното искуство на летање со приватен авион, па наместо помали, се користат поголеми авиони погодни за редовен транспорт и комерцијални летови. Сепак, овие авиони се луксузни и удобни, па наместо стотици патници, можат да се сместат помеѓу 50 и 80.
Патувања од 160.000 евра по лице
Луксузната туристичка агенција „Аберкромби & Кент“ нуди свои приватни обиколки со „боинг 757“ кој може да прими само 48 патници, сместени во прва класа, со седишта кои можат да се развлечат како кревет. Авионот лета до егзотични дестинации кои не се лесно достапни преку главните авиопревозници, а распоредот на летовите се уредува според маршрутата, а не според авиокомпанијата.
Најевтините патувања што ги нуди агенцијата започнуваат од 166.300 евра по лице. Патниците можат да видат некои од ретките диви животни. Се лета до Хаваи, Фиџи, Тасманија, Индонезија, Шри Ланка, Замбија и Бразил, а летот вклучува батлер, лекар и асистент за подобрување на фотографиите.
Шели Клајн, претседателка на „Ти-си-ес ворлдвајд“, американска агенција која беше пионер на луксузните патувања, вели дека нивните клиенти патуваат со нив затоа што нудат луксузни трансформативни патувања.
Ексклузивно патување во Јапонија
Сепак, одењето на необични дестинации не е единственото нешто што го нудат овие летови. Патниците имаат желба да научат нешто повеќе за одредена дестинација и поминуваат повеќе време во една земја отколку што би можеле на луксузен брод за крстосување.
- Во вакви воздушни експедиции често има еден единствен лајтмотив. Минатата година клиент сакаше да биде сведок на најдобрите сцени во сезоната на цветање на јапонските цреши на почетокот на април, која вклучуваше застанувања во Токио, Кјото, планината Јошино, Нара, езерата околу планината Фуџи, Наошими и Нисеко - вели Крис Брунинг, коосновач и директор на британската агенција „Антолд стори травел“, која резервира авиони од сите големини за својата богата клиентела.
Тој вели дека неговите клиенти сакале ексклузивна ноќ во замок, лет со хеликоптер до планината Која, каде што се сретнале со главниот свештеник и имале приватна обиколка на салите на сумо-борачите. Патувањето за шест лица чинело 58.500 евра.
Што со загадувањето?
Како компаниите се справуваат со одржливоста и заштитата на животната средина? Некои од нив инвестираат во одржливи горива за воздухопловство, што и не е многу одржливо решение. Други донираат и финансираат проекти за намалување на нивниот јаглероден отпечаток. Но, се поставува прашањето дали е тоа доволно.
- Свесни сме за емисиите на јаглероден диоксид, па соработуваме со компанијата „Клајмет партнер“. Се грижиме да ги надоместиме сите наши емисии на јаглерод поврзани со летовите со тоа што ќе придонесеме за релевантни проекти на местата што ги посетуваме - вели Сквирел, кој додава дека „Титан травел“ никогаш не прави повеќе од три или четири такви патувања годишно.
Извор:
Telegram.hr
Фото:
Twitter