X
 29.01.2021 Живот

Советскиот летачки ѕвер што никогаш не полетал

Единствениот преживеан прототип на овој необичен авион, дотраен и распаднат, е оставен во поле близу Москва, иако некогаш бил надежта на Советскиот Сојуз против американските подморници.

„Бартини бериев VVA-14“ (буквите се акроним за амфибиско летало со вертикално полетување, а 14 е бројот на мотори) бил дизајниран да полета од каде било без писта и да може да го одржува летот над површината на водата.

Дизајнирано во 60-тите години, леталото претставувало одговор на балистичките ракети „Поларис“, кои САД ги вовеле во 1961 година на својата флота на подморници. Во умот на дизајнерот Роберт Бартини „VVA-14“ би била совршена машина за барање и уништување подморници што носат ракети.

Но, планот не успеал. Само два од предложените три прототипа биле создадени, а само еден успеал да се вивне во воздухот. Кога Бартини починал во 1974 година, и проектот умрел со него, а вториот прототип бил демонтиран.

Првиот, речиси недопрен, во 1987 година бил испратен во Централниот музеј на воздухопловните сили во близина на Москва, но нешто не било во ред со испораката. Авионот бил ограбен и оштетен и оттогаш не бил поправен.

- „VVA-14“ требало да полета од вода и да слета вертикално, а потоа да лета како обичен авион - вели Андриј Совенко, советски историчар за авијација.

2

Во 2005 година Совенко се сретнал со Никола Погорелов, заменик на Бартини во фазата на дизајнирање на авионот.

- Според Погорелов, Бартини беше визионер кој имаше необичен ум и карактер. Не само што беше пред своето време, туку беше од некоја друга ера. Без сомнение, тој остави трага во изградбата на советските авиони. Сепак, тој беше познат главно по своите идеи и концепти, но само неколку од нив станале реалност - вели Совенко.

Бартини предвидел неколку различни верзии на „VVA-14“, вклучувајќи една со понтони на надувување за да слета на вода и друга со преклопни крилја што би можела да се управува од бродови на море.

Првиот прототип полетал во 1972 година. Подоцна му биле поставени понтони и бил тестиран.

- Овој авион немаше мотори за подигнување или опрема за барање подморници. Беше наменет само за проучување на карактеристиките на хоризонталниот лет и тестирање на системите на авионите. Од 1972 до 1975 година тој извршил 107 проби со над 103 часа лет - вели Совенко.

Поради чудниот изглед го добил прекарот Змеј Горнич, по змеј од руските народни приказни.

- Кога се набљудуваше од земјата, „VVA-14“ личеше на змејот Горнич. Имаше три глави како змејот и релативно мали крилја - вели Совенко.

За вториот протоип никогаш не бил развиен соодветен тип на мотор. Поради тоа, проектот бил осуден на пропаст, а авионот бил расклопен.

Бартини се обидел да го оживее „VVA-14“ претворајќи го во „екраноплејн“, вид авион што со голема брзина се лизга на површина како вода.

2

- Мислам дека советската војска сфати дека ефективноста на „VVA-14“ би била мала. Авионот можел да носи мал број ракети, а техничките предизвици за создавање на такво необично возило биле многу големи. На крајот, војската се потпрела на повеќе конвенционални авиони за оваа работа - вели Савенко.

Откако се пензионирал, оригиналниот прототип бил пренесен со брод од Таганрог во Јужна Русија, каде што бил изграден и тестиран во Литкарино, мал град во близина на Москва. Истоварен на брегот, тој останал без надзор и делумно бил уништен и демонтиран.

Подоцна бил транспортиран со хеликоптер во близина на Монино во Централниот музеј на воздухопловство. Леталото останало сериозно оштетено до ден-денес.

- Зошто администрацијата на музејот не презема мерки за обновување на овој интересен авион, не знам - вели Совенко.

Тој додава дека доколку се обезбедат финансии, трошоците за реставрација би биле околу 1,2 милион долари и би биле потребни една до две години ако реставрацијата ја изведуваат специјалисти за авијација директно во музејот.

- Можеше да полета и да слета хоризонтално и вертикално, и на копно и на вода. Можеше да остане на површина подолго време како брод. И, се разбира, можеше да лета како редовен авион. Оваа разновидност беше извонредна карактеристика на авионот. Сепак, „VVA-14“ никогаш вистински не го достигна својот целосен потенцијал - вели тој.

Извор: CNN
Фотографии: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот