ФИНКИ со своите активности во рамките на проектот NI4OS-Europe веќе презема чекори за мобилизирање на заинтересираните страни, вели проф. Мишев
Отворената наука претставува систематска промена која овозможува подобрување на научниот пристап преку отворени и колаборативни начини за добивање и споделување на знаењето и податоците, што е можно порано во фазата на истражување, како и за комуницирање и споделување на научните резултати, вели проф. д-р Анастас Мишев, претставник на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во генералното собрание на Европскиот облак за отворена наука -
EOSC.
- Согласно Европската комисија, политиката за отворена наука има 8
амбиции кои сака да ги постигне, и тоа:
Отворени податоци: Споделувањето на FAIR (Findable, Accessible, Interoperable and Re-usable) – пронајдливите, достапните, интероперабилните и повторно искористливите податоци - ќе биде основна форма на научна соработка која ќе ја финансира Европската комисија.
European Open Science Cloud (EOSC): - Европскиот облак за отворена наука, како федеративен екосистем на истражувачки податочни инфраструктури ќе им овозможи на истражувачките заедници да ги споделуваат и обработуваат истражувачките резултати финансирани од јавни средства надвор од границите на своите држави и/или своите научни полиња.
Нова генерација на метрики: Нови индикатори ќе ги дополнат постојните индикатори за мерење на квалитетот и влијанието на научните истражувања, со кои ќе се даде поголемо значење на практиките на отворената наука.
Иднина на научната комуникација: Сите рецензирани научни трудови треба да бидат слободно достапни, а дополнително треба да се стимулира и раното споделување на различните форми на истражувачки резултати.
Награди: Напредувањето во научните кариери на истражувачите треба во целост да ги поддржува активностите од отворената наука.
Интегритет на истражувањето: Сите јавно финансирани истражувања во Европската Унија треба да ги почитуваат заедничките прифатени стандарди за интегритет.
Едукација и вештини: Сите истражувачи во Европа треба да се стекнат со соодветните вештини и да имаат пристап до едукација за принципите на отворената наука.
Граѓанска наука: Целокупната јавност треба да може да даде значаен придонес и да биде признаена како валиден научен автор во Европа.
Кои се основните чинители (stakeholders)?
- Отворената наука не е можна без активно вклучување на сите чинители на национално и европско ниво. Како за пример, во студијата направена од проектот
NI4OS-Europe за чинителите во земјите од Југоисточна Европа, идентификувани се следните чинители мапирани и
објавени во:
Организации за финансирање на науката и истражувањето и креирање политики
Во оваа група спаѓаат јавните институции кои се занимаваат со политиките и со финансирањето на науката, како што се Министерството за образование и наука, Фондот за иновации итн. Практика во голем број држави е формирањето на посебни национални фондови за
финансирање на науката, како на пример
•
Фонд за Науку, Р. Србија
•
Austrian Science Fund, Австрија
•
Croatian Science Foundation, Хрватска
• и голем број други.
Истражувачи
Во оваа категорија спаѓаат сите организации што се занимаваат со истражување, како на пример јавни и приватни високообразовни институции, јавни и приватни истражувачки институти, јавни и приватни центри кои вршат истражувања. Исто така, во оваа категорија спаѓаат и сите истражувачи, на пример, поединечни истражувачи во која било фаза на развојот на својата истражувачка кариера, граѓаните истражувачи, истражувачките заедници и сите други заинтересирани за отворената наука и нејзините резултати. Главните придобивки од отворената наука ќе ги почувствуваат токму овие чинители.
Истражувачки инфраструктури и даватели на сервиси
Оваа категорија ја сочинуваат сите институции што на кој било начин обезбедуваат поддршка на отворената наука. Тука, пред сè, се мисли на сите форми на репозиториуми (истражувачки, трудови, податоци), истражувачки инфраструктури, е-инфраструктури, даватели на услуги итн. Преку соодветна институционална поддршка за овие институции ќе се овозможи поголема масовност, видливост и распространетост на отворена наука.
Корисници на резултатите од истражувањата
Малите и средни претпријатија, особено стартап-фирмите, се сметаат за најголем потенцијален корисник на резултатите од отворената наука, заедно со граѓаните истражувачи. Користењето и монетизацијата на резултатите од отворената наука имаат големо национално економско значење.
Поддржувачи на отворена наука
Во оваа категорија се наоѓаат сите институции, организации и асоцијации кои ја поддржуваат отворената наука и даваат свој придонес во нејзиниот развој. Како главен чинител во оваа група се сметаат националните иницијативи, на пример, Националната иницијатива за облакот за отворена наука (
http://nosci.mk/).
Што претставува Националната иницијатива за облакот за отворена наука?
- Воспоставување на NOSCI (National Open Science Cloud Initiative) претставува процес на обединување на сите заинтересирани чинители во земјата во формално или неформално здружение со цел промовирање и поддршка за воспоставување на принципите за кои се залага EOSC во сите истражувачки заедници и институции во земјата.
ФИНКИ со своите активности во рамките на проектот NI4OS-Europe веќе презема чекори за мобилизирање на заинтересираните страни. Исто така, во рамките на проектот изработена е студија на тековните активности во цела Европа на тема воспоставување на вакви
иницијативи. Прифаќањето на хибридниот модел, каде што истовремено се реализираат иницијативи од страна на истражувачите (оддолу-нагоре), како и иницијативи во рамките на МОН (одгоре-надолу) може многу брзо да доведе до формирањето на ваквата иницијатива, што ќе биде еден од главните двигатели за популаризација и јакнење на улогата на отворената наука во нашето општество.
Првиот состанок за формирањето на NOSCI.mk се одржа на 15.03.2021 година. Повеќе за настанот можете да прочитате
ТУКА. Доколку сте заинтересирани да научите повеќе или, пак, да се приклучите кон иницијативата, посетете го
http://nosci.mk/.