X
 21.04.2021 Наша тема

Посебен софтвер и камери на испитите на ФИНКИ за да нема мамење и препишување. Како се одвива полагањето...

Во еден линк студентот ни го испраќа неговиот десктоп и плус му го гледаме ликот со веб-камерата на лаптопот што го снима фронтално, па тоа се спојува во едно видео. Така учествуваат во телеконференцијата. Јас како дежурен имам увид во 20 такви стримови и имам увид во секое нивно движење, вели проф. д-р Иван Чорбев

Дали студентот шепка, зборува со некого, каде му се движи погледот, дали употребува телефон и дали користи апликации за комуникација... сето ова го следат професорите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство додека траат испитите. Иако има обиди за мамење, сепак, шансите да не се открие тоа се мали поради добрата техничка подготвеност на факултетот за вакви ситуации.
Минатата пролет, на почетокот на пандемијата, на факултетот се експериментираше со различни начини на организирање испити. Но веќе во јунската сесија беше воспоставен солиден систем кој се користи и денес при организација и полагање на испитите.

Проф. д-р Иван Чорбев, декан на факултетот, за Факултети.мк објаснува дека испитите се реализираат на тој начин што имаат воспоставено платформа Moodle (Мудл), па кога започна пандемијата и наставата од дома, во платформата го интегрирале системот Big Blue Button (Биг блу батн) кој овозможува телеконференции исти како на „Мајкрософт тимс“ или „Зум“.


Проф. д-р Иван Чорбев

- Но ова е оупен сорс и е на сопствена инфраструктура, наша си е, и во некои компоненти е подобра од „Зум“ или „Тимс“. За испитите, студентите се приклучуваат на Биг блу батн телеконференција во групи од по 20, со по еден дежурен. Во телеконференцијата учествуваат преку својот локален компјутер од дома, имаат инсталирано софтвер што се вика Meny cam (мени кем), кој прави композитно видео. Тоа е виртуелна камера која се состои од десктопот на кандидатот и веб-камерата со неговиот лик. Така, во еден линк ни го испраќаат десктопот и плус ликот со веб-камерата што го снима фронтално на лаптопот, па тоа се спојува во едно видео. Така учествуваат во телеконференцијата. Јас како дежурен имам увид во 20 такви стримови. На некои предмети, на пример, по математика, ги тераат уште едно видео да имаат отстрана со мобилен, односно Droid cam (Дроид кем). За други работи, наместо Мозила или Хром, употребуваме Сејф егзам броузер (Safe exam browser), кој не дозволува да има други четови. Во принцип, секој професор си користи различни алатки, нема едно универзално решение. Доминира овој мени кем концепт – објаснува Чорбев.

Се случува да се откриваат плагијати

Како што вели тој, ликот на студентот е потребен за да се види дали шепнува, зборува, каде му е свртен погледот, дали гледа настрана, во телефон, дали шепка со некого во просторијата дома.
- Затоа треба да го гледаме ликот. А десктопот ни треба за да видиме дали има отворено „Вибер“ или користи нешто друго за комуникација. И постфестум, по завршување на испитот, зависно од конкретниот предмет, испишаните изворни кодови програмерски се споредуваат со вештачка интелигенција за плагијаторство. Се прави споредба на степенот на сличност. Сите решенија од сите студенти меѓусебно се споредуваат. Се случува да најдеме плагијати. Ако има сомнеж поради голем степен на сличност, се повикуваат кандидатите на доиспрашување и ако се потврди препишување, се поведува дисциплинската постапка - вели деканот.



Комисијата може да донесе мерка поништување на испитот, забрана за полагање во неколку сесии. Казната зависи од тоа дали е прв престап, како и од тоа дали студентот ја признал вината и се покајал.
- Иако мислам дека имаме добар начин да обезбедиме објективност во реализацијата на испитите, во принцип има ризик од мамење и тоа се случува. Но, образовниот процес мора да продолжи поради интересот на студентите да им продолжат студиите, па без оглед на пандемијата, да завршат навреме. Подготвени сме да прифатиме одредени ризици на препишување со цел да не изгубат време, да не застане процесот, да не изгубат година и слично – додава професорот.

Ако не го научат занаетот, залудна е дипломата

Првиот човек на ФИНКИ вели дека ако студентите препишале или излажале, не му прават штета нему, туку себеси и на своите знаења бидејќи оваа професија е практична, занаетска.
- Ако не ја знаеш оваа професија, џабе ти е дипломата. Би им порачал на студентите да останат безбедни и да го искористат времето да учат ефикасно со цел што поскоро да започнат со успешна кариера – вели тој.
Во однос на онлајн-наставата, една од предностите е тоа што предавањата се снимаат, па секој може да се наврати на предавањето ако нешто пропуштил. Чорбев вели дека е тешко да задржат асистенти бидејќи студентите уште во текот на студиите имаат многу можности за вработување. Најчесто странски универзитети со добри стипендии ги привлекуваат македонските студенти, иако на факултетот се нудат сосема солидни услови за учење согласно тековите што ги наметнува индустријата.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема